Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска започна судењето против поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум обвинети во случајот поврзан со злоупотреби во АД „Државна лотарија“.
Според обвинителниот предлог поднесен од Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година, со заедничко дејствување, ги пречекориле своите овластувања и должности, со што, според обвинителството, на „Државна лотарија“ ѝ била предизвикана штета од 507.632.173 денари.
Сите осум лица се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години.
Предметот е доделен на судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Поранешниот директор на „Државна лотарија“ и првообвинет Перпарим Бајрами и понатаму е недостапен за органите на прогонот. Обвинителството за него побара притвор од 30 дена, кој би се сметал од моментот на неговото пронаоѓање.
За Артан Груби е побарано продолжување на куќниот притвор, заедно со мерките на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Согласно Законот за кривичната постапка, притворот по поднесен обвинителен предлог може да трае најмногу 60 дена од денот на неговото поднесување, односно во овој случај од 13 август.
Груби беше уапсен во февруари годинава на граничниот премин Блаце, по повеќе од 14 месеци поминати во бегство. По распитот во Обвинителството, наместо во притвор, кој претходно му беше определен во отсуство, поради безбедносни причини му беше определен куќен притвор.

