Сите возила на Град Скопје и јавните претпријатија под GPS контрола – помали трошоци, поголеми заштеди. Ова денеска го напиша скопскиот градоначлник Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.
-Кога со парите на граѓаните се раководи како со сопствениот домашен буџет, тогаш се внимава на секој денар, секој трошок и на секоја можна злоупотреба.
Затоа, сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со GPS уреди и се следат преку современ мониторинг центар.
Системот овозможува во реално време да се знае каде се наоѓа секое возило, по која маршута се движи, со која брзина, колку време е во движење, но и колкава е реалната потрошувачка на гориво.
Дополнително, преку специјални сонди се контролира и нивото на гориво, со што директно ги лоцираме нелогичните трошоци и ја оптимизираме работата.
Секое возило, секој километар и секој литар гориво мора да има оправдување.
Ова е систем на одговорност и затоа сакаме со сопствен пример да покажеме дека Град Скопје максимално го штити буџетот на граѓаните и дека функцијата не е привилегија, туку обврска.
Затоа, почнуваме од себе.
Јас користам сопствено возило и горивото го плаќам од сопствениот буџет.
Службеното возило кое во минатото го користеле градоначалниците е ставено на располагање за потребите на градот.
А дека домаќинскиот пристап носи резултати, покажуваат и бројките.
ЈСП – Скопје во првите шест месеци бележи заштеда од половина милион евра за гориво, со дополнително вклучени 50 возила, споредено со првите шест месеци од истиот период лани.
И тоа е само дел од промените што ги правиме.
Секој денар што ќе го спасиме од непотребно трошење е денар повеќе за улици, паркови, јавен превоз, училишта, култура и подобар живот за скопјани.
Нема да дозволиме парите на народот да истекуваат низ нечии привилегии и неодговорност.
Воведуваме ред, контрола и домаќинско работење, затоа што градскиот буџет е сопственост на граѓаните.
Работиме одговорно, чесно и во интерес на нашиот народ.
Скопје мора да биде пример како се управува со јавни пари, напиша скопскиот градоначалник.

