Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска на прес-конференција ќе информира за актуелната епидемиолошка состојба со западнонилска треска во земјава.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 18 август се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска, од кои 36 се потврдени, а два се веројатни.
Регистрирани се и четири смртни случаи кај пациенти со невроинвазивна форма на болеста. Станува збор за мажи на возраст од 62 до 83 години, кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Кај тројца од починатите биле евидентирани и коморбидитети.
Според местото на живеење, 37 од заболените се од Скопје, додека еден случај е регистриран во Велес.

