Хрватски рибари снимија ајкула со проценета должина од над три метри во близина на островот Жирје во Јадранското Море.
Видеото од средбата брзо се прошири на социјалната мрежа TikTok, а според првичните проценки на сведоците, станува збор за мако ајкула (Isurus oxyrinchus), позната по својата брзина и агилност.
Иако овој вид е распространет во тропските и умерените мориња и се вбројува меѓу потенцијално опасните видови за луѓето, средбите во близина на брегот се исклучително ретки.
Во Хрватска мако ајкулата е строго заштитена и нејзиниот улов е забранет со закон, па во Јадранот најчесто страда ненамерно, како случаен улов при риболов.
Снимката предизвика бројни коментари на социјалните мрежи околу нејзината големина, на што авторите на видеото појаснија дека ширината на крмата на нивниот брод е 3,8 метри, што им послужило како директна референца за споредба.
Дел од корисниците ја долуваа во прашање и точната локација, тврдејќи дека снимката е направена на отворено море, а не непосредно до островот.
Во дополнително објавено видео се гледа како туна се обидува да му побегне на предаторот, при што во позадина се слуша коментарот: „Ја прегриза на половина“.
Експертите потсетуваат дека мако ајкулите имаат клучна улога во одржувањето на рамнотежата на морскиот екосистем и дека ваквите сцени се потврда за разновидноста на фауната во Јадранското Море.

