Речиси целата територија на државата денеска е под висок ризик од пожари, покажува метеоролошкиот индекс на пожар, соопшти Центарот за управување со кризи.
На мапата со портокалова боја е означен висок ризик од појава и брзо ширење на пожари. Исклучок се Шар Планина и поширокиот регион околу Охрид и Ресен, каде што е регистриран среден ризик, означен со жолта боја.
Од ЦУК предупредуваат дека актуелните временски услови создаваат зголемена опасност од избувнување и ширење пожари на отворен простор, вклучително и шумски пожари со висок интензитет.
Граѓаните се повикуваат на особена внимателност и одговорно однесување при престој во природа и да избегнуваат палење оган на отворено.
Во случај на забележан пожар, граѓаните веднаш треба да го пријават на единствениот број за итни случаи 112.

