По повод Меѓународниот ден на младите, Министерството за образование и наука порача дека младите се еден од клучните ресурси за развојот на државата и најави продолжување на политиките насочени кон нивното образование, развој и професионална реализација.
Од МОН велат дека фокусот е ставен на создавање подобри услови за учење и развој, преку зајакнување на ученичкиот и студентскиот стандард, модернизација на образовната инфраструктура и дигитализација на наставата.
Во соопштението се наведуваат и подобрувања на наставните програми и учебниците, како и создавање средина што ќе ги поттикнува знаењето, иновативноста и креативноста кај младите.
Посебно внимание, според Министерството, се посветува на талентираните ученици и студенти. Од минатата година се воведени нови стимулативни мерки за младите кои ја претставуваат државата на меѓународни натпревари.
МОН посочува и дека во креирањето на образовните политики соработува со ученички и студентски организации, чии предлози и барања, како што наведуваат, се преточени во дел од конкретните мерки и активности.
„Младите се двигател на општествениот развој, а нивното знаење, креативност и енергија се најголемата инвестиција во иднината на државата“, порача Министерството по повод 12 Август – Меѓународниот ден на младите.

