Грчките царински служби спречиле два обиди за нелегален транспорт на фреон, при што биле откриени и запленети вкупно 1.296 боци разладна течност. Според грчката Независна управа за јавни приходи (ААДЕ), избегнатите царини и даноци од двата случаи надминуваат 338.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина.




Еден од случаите е регистриран на граничниот премин Дојрани, на границата со Северна Македонија, додека вториот бил откриен на преминот Кипи, на границата со Турција.
При контролата на товарен контејнер кој во Грција влегол од Северна Македонија, цариниците откриле 296 боци нелегален фреон од типот R134a. Боци биле сокриени во специјално направена преграда во празниот контејнер.
Според ААДЕ, проценетата вредност на избегнатите царини и даноци за овој товар изнесува околу 55.000 евра.
Во вториот случај, на граничниот премин Кипи, бил проверен камион со турски регистарски таблички. Во возилото биле пронајдени 1.000 боци фреон од типот R404A, скриени под пријавен товар од гипс-картонски плочи.
Грчките власти посочуваат дека увозот на овој вид разладна течност во Европската Унија е забранет. Вкупната вредност на запленетиот товар во овој случај се проценува на 884.400 евра, додека избегнатите царини и даноци достигнуваат 283.538,64 евра.
Контролите биле спроведени на 7 август, како дел од насочените активности на грчката царинска служба за спречување на шверцот, но и за заштита на животната средина.
Од ААДЕ информираат дека контролите на двата гранични премини биле извршени во рамки на засилените активности за откривање и спречување на нелегалниот транспорт на разладни средства.

