Бор падна врз туристи на плажата Балустрада во Цриквеница, Хрватска, објавува Вечерњи лист. Повредени се две деца и двајца возрасни, објавува Crikva.hr.
Според информациите од надлежните служби, ниту едно од повредените не е во животно загрозувачка состојба, а тие се пренесени во Риечкиот болнички центар.
На местото на настанот им е укажана помош на уште неколку лица со полесни повреди.
Полициската управа Приморје-Горски Котар потврди дека добила пријава за паѓање на дрвото на плажата пред хотел во Цриквеница околу 11.10 часот.
Полициски службеници и други служби, полиција и пожарникари веднаш биле испратени на местото на настанот – соопшти полицијата Приморје-Горски Котар.
Додека пристигнале службите за итни случаи, луѓето што се нашле под дрвото успеале да се извлечат од под гранките.
Според информациите од порталот 24sata, станува збор за бор висок околу 13,5 метри кој наводно се скршил во самиот корен. Во моментот кога дрвото паднало, во тој предел имало хрватски и чешки државјани со деца. Станува збор за вкупно осум возрасни лица и четири деца, поради што е голема среќа што инцидентот не завршил со посериозни последици.

