Снимките на кои се гледа преплавувањето на шпанската енклава Сеута со илјадници мигранти се предупредување за тоа што може да им се случи на Соединетите Американски Држави доколку на власт се вратат демократите, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Фокс њуз“.
Трамп упати порака до американските гласачи, потенцирајќи ги можните последици од промената на политичката опција на следните претседателски избори.
– Запомнете ги овие снимки. Тоа ќе бидеме ние по три години, доколку победи погрешната страна – истакна Трамп.
Тој додаде дека политичкиот избор директно ќе влијае врз безбедноста и стабилноста на земјата.
– Ако демократите победат на изборите, вашиот живот нема да биде многу спокоен – додаде Трамп во изјавата што на социјалната мрежа Х ја сподели репортерката Џеки Хајнрих.
Со слични оценки за состојбите во Шпанија се огласи и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс преку социјалните мрежи.
– Снимките од Шпанија се трагичен потсетник за последиците од масовната миграција и глобалистичките политики на радикалната левица, која допушти упад на мигранти во западните земји – напиша Венс на Х.
Венс во својата објава ја истакна актуелната гранична политика на американската администрација.
„Фала му на Бога што Доналд Трамп беше избран и што нашата граница повеќе не личи на тоа што беше претходно“, додаде тој.

