Пресврт во собраниските клупи по утринските блокади и процедурални тензии. Собранието попладнево ја продолжува прекинатата седница за пратенички прашања со почеток во 16 часот, откако раководството на законодавниот дом ги разјасни процедуралните прашања и порача дека е неопходно враќање кон редовната агенда и дебата.
На самиот почеток од попладневниот дел, потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, информираше дека спорните прашања што предизвикаа прекини се надминати, со што се отвора патот за нормално функционирање на пратениците.
Осврнувајќи се на почитувањето на Уставот и деловничките правила при користењето на процедуралните забелешки, потпретседателката Бендевска детално ја појасни одлуката:
„-Согласно член 99, на седницата на Собранието никој не може да говори пред да добие збор од претседателот на Собранието. Манипулирањето со институтот процедурална забелешка мислам дека е навистина претерано, со оглед на тоа што правото за процедурална забелешка на секој пратеник завршува кога го повредува правото на друг пратеник согласно Устав да поставува прашања до претставници на Владата кои се тука тука присутни. Затоа ве замолувам да се исклучите за да почнеме да продолжиме со работа, рече Бендевска по што објави пауза до 16 часот.“
Пред воведувањето на паузата, претпладневниот дел од собраниската седница бележеше сериозни застои откако пратеничката Илире Даути, поддржана од лидерот на партијата Зијадин Села, излезе на говорницата барајќи писмен одговор за Предлог-законот за правична застапеност кој претходно бил адресиран до премиерот Христијан Мицкоски. По повеќекратни процедурални обраќања и одбивање да се напушти говорницата, претседавачот беше принуден да ја прекине работата за да се смират страстите во пленарната сала.
Со започнувањето на попладневната работа во 16 часот, седницата продолжува со пратенички прашања.

