Најмалку неколку лица загинаа при уривањето на трговскиот центар „Aeon Mall Kumamoto“ во јапонскиот град Кумамото, кој беше погоден од силен земјотрес со јачина од 7,1 степен според Рихтер, јавуваат јапонските медиуми повикувајќи се на полициски извори.
Според телевизијата „Асахи“, полицијата потврдила за смртните случаи, додека јавниот сервис NHK објави дека се трага по меѓу 20 и 30 вработени во комплексот со кои е изгубен секаков контакт. Спасувачките тимови се на терен и се обидуваат да утврдат дали тие се заробени под урнатините.
Трговско-забавниот комплекс претрпел делумно уништување како последица на експлозија што избувнала веднаш по силниот потрес. Објектот неодамна, односно минатиот месец, повторно беше отворен по комплетната реконструкција од разорниот земјотрес што го погоди истиот регион пред десет години.
Вработените во центарот успеале навреме да ги евакуираат посетителите пред да одекне експлозијата, но судбината на дел од персоналот сè уште е неизвесна.
Потресот предизвика и големи проблеми во инфраструктурата. Енергетската компанија „Kyushu Electric“ соопшти дека над 40.000 домаќинства се без електрична енергија. Во градот Хикава, на 25 километри јужно од Кумамото, регистрирани се и прекини во водоснабдувањето.
Поради дефект на еден од резервните генератори по прекинот на струјата, без осветлување и климатизација остана и градската општинска зграда во Кумамото.
Здравствените установи во регионот примаат голем број повредени. Една локална болница веќе згрижила над 50 лица, додека друга примила околу 40 повредени, од кои десетмина се наоѓаат во тешка здравствена состојба.
Локалните медиуми дополнително известуваат дека неколку патници претрпеле повреди и во брз воз кој сообраќаел за време на моментот кога затресло тлото.

