Европската Унија разгледува нови начини за да го ограничи правото на вето на земјите-членки при преговорите за санкции. Оваа иницијатива доаѓа откако Грција со недели го блокираше усвојувањето на 21-от пакет санкции кон Русија, барајќи исклучок за танкерите на компанијата „Динагас“, објавува Фајненшл тајмс (FT).
Атина го услови своето гласање за целиот сет економски мерки насочени кон рускиот финансии и извозот на нафта, барајќи на „Динагас“ да му се овозможи продолжување на профитабилниот транспорт на руски течен природен гас (ЛНГ). Според дипломати од ЕУ, успехот на Грција во извлекувањето на овој исклучок претставува првпат целосен пакет санкции против Русија да биде директно ослабен.
Според извори на весникот, во Европската комисија и меѓу земјите што силно ја поддржуваат Украина, добива поддршка идејата санкциите во иднина да се усвојуваат поединечно или во помали тематски групи, наместо да се чекаат големи пакети.
„Ова би можел да биде последниот „пакет“ санкции. Сега е сосема јасно дека овој пристап повеќе не функционира“, изјави еден дипломатски функционер за Фајненшл тајмс.
Од февруари 2022 година, ЕУ усвои 21 пакет санкции со кои се бараше едногласна поддршка од сите 27 членки. Сепак, тој систем сè почесто доведуваше до уцени каде национални интереси блокираа мерки поддржани од сите други држави.
Грчките претставници го оправдаа својот потег со тврдење дека забраната била договорена по грешка и дека ќе му нанесе врете на грчкиот превозник наместо на руската економија, отворајќи простор за кинеските конкуренти. Од друга страна, неколку дипломати вклучени во преговорите ја опишаа оваа тактика како „скандалозна“.
Застапниците на новиот модел тврдат дека Советот на ЕУ така ќе може брзо да носи ефикасни мерки без да привлекува внимание со пристапот „пакет“. Портпаролот на Европската комисија одби да ја коментира можната промена на стратегијата.
„Сепак, вреди да се напомене дека по 21 пакет санкции од ваков обем од почетокот на војната, Русија е изложена на голем број казнени мерки кои вршат значителен притисок врз неа“, соопшти портпаролот.

