Силниот ветер што вечерва го зафати Штип однесе дел од кровната конструкција на Клиничката болница во градот.
Поради паднатиот лим од кровот, дел од пациентите од Одделението за ортопедија биле преместени на други одделенија во болницата. Заменик-директорката на Клиничката болница-Штип, Билјана Ефтимова, информираше дека ортопедијата и единицата за интензивна нега во моментов функционираат со намален интензитет.
„Пациентите се сместени во делот каде што е суво, каде што нема протекување. Значи, во текот на ноќта ќе видиме, ќе ги префрлиме дел од пациентите на други одделенија со цел да бидат заштитени, да не настанат некои накнадни дождови со кои би се пореметило функционирањето. Некаде околу 15 до 20 пациенти се, бидејќи тоа не е целиот дел од ортопедското одделение и операционата сала на ортопедија. Но, бидејќи имаме и други операциони сали, ќе се адаптира, ќе се прилагодиме за да ги пружиме навреме нашите медицински услуги за населението овде“, изјави Ефтимова.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, информираше дека невремето предизвикало материјална штета и на други институции и приватни домови. На повеќе локации има паднати дрвја и гранки, оштетени кровни конструкции и возила, а дел од улиците останале без електрична енергија.
„На терен работат сите екипи на јавните претпријатија „Стипион“, „Исар“, Територијалната противпожарна единица. Во комуникација со СВР Штип се расчистуваат сите сообраќајници. Од она кое што можевме да го добиеме како повратна информација на самиот кризен штаб, морам да констатирам дека е предизвикана материјална штета на приватни имоти, на институции. Имаме доста случаи евидентирано во повеќе населби на паднати дрвја, гранки, кровни конструкции, оштетени возила“, изјави Јорданов.
Тој додаде дека општинска комисија ќе ги евидентира сите штети предизвикани од невремето и ги повика граѓаните да ги пријават оштетувањата на нивните имоти.
„Сето она кое што и во моментов го работат екипите како комисија од страна на Општина Штип која ќе ги евидентира сите настанати штети, оваа прилика ја користам да ги повикам сите граѓани да пријават одредена промена која е настаната поради невремето или оштетување на нивниот приватен имот, за да имаме точни податоци за состојбата на територија на Општина Штип“, додаде Јорданов.

