Уставниот судија Гоце Наумовски реши да се повлече од својата функција и веќе ја доставил својата оставка до македонското Собрание. Сепак, за ваквиот чекор тој претходно воопшто не го известил претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Наумовски денеска не се појавил на закажаната седница на Судот, и тоа без никаква претходна најава.
За целата ситуација од Уставниот суд излегоа со соопштение во кое појаснуваат како дознале за заминувањето на нивниот колега:
„До Судот, од страна на судијата Гоце Наумовски не е доставена официјална информација дека поднесува оставка. Судијата денеска беше отсутен од седницата. Официјална потврда не е пристигната ниту од Собранието. Претседателот Костадиновски единствено доби потврда за оставката во телефонски разговор од претседателот на Собранието, Африм Гаши, информираа од Уставниот суд.“
Наумовски беше избран за уставен судија во февруари годинава, на предлог на Комисијата за избори и именување.
Како што неофицијално се дознава, како причина за неговото ненадејно заминување од функцијата тој навел лични причини.

