Откако Министерство за внатрешни работи објави меѓународна потерница за 41-годишниот Александар Лазов од Кочани, кој на полицајците им побегна од полициската станица, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев во посета на станицата. Сакал лично да се информира како Лазов успеал да избега преку прозорец.
„Попладнево сум во Кочани со дел од мојот тим, лично да се информирам за сите детали и околности поврзани со настанот од петокот, кој сериозно ја наруши довербата во полициската служба. Бегството од полициската станица на лице познато на полициските служби е сериозен инцидент кој бара целосно расчистување на сите околности и преземање на соодветни мерки. Сакам јасно да порачам: ова е недозволиво. Доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност.“
Јанев потенцираше дека внатрешните контролни механизми веќе се максимално активирани за да се лоцира евентуалната вина кај службените лица.
„Внатрешната контрола, со поддршка на колегите од неколку централни оддели во БЈБ, веќе постапува и ги проверува сите околности и инволвирани лица. Секој кај кого ќе се утврди пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран. Очекувам целосна професионалност и непристрасност во целиот процес. Локални шерифи нема да постојат. Никој кој свесно или несовесно дозволил нарушување на законот и службените процедури нема да биде поштеден од одговорност.“
Првиот човек на БЈБ не го криеше своето разочарување од настанот, испраќајќи децидна порака до сите инволвирани.
„Искрено, особено за овој регион, мислев дека лекцијата е научена. Но, повторно се соочуваме со постапки кои ја нарушуваат довербата на граѓаните и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници. Во тек е темелна проверка и ќе следуваат јасни мерки за секој што го прекршил законот, процедурите или довербата што му е дадена. И граѓаните и јас сме разочарани од несовесното и неодговорно работење. Пораката е јасна: законот мора да важи еднакво за сите. Криминалците ќе бидат пронајдени, а секој што помогнал, дозволил или премолчел незаконско постапување ќе сноси одговорност.“

