Општина Центар денеска организира бесплатна тематска прошетка насловена „Времеплов низ Центар: историја, култура и архитектура“, наменета за сите заинтересирани граѓани.
Настанот ќе се одржи од 18:00 до 20:00 часот, а собирното место е улица „Македонија“, пред Спомен-куќата на Мајка Тереза, од каде ќе започне турата низ централното градско подрачје.
Прошетката ќе ги води учесниците низ неколку значајни локации и културно-историски објекти, при што ќе бидат раскажани приказни и факти за развојот на градот и неговото архитектонско наследство. Водичи на турата се Димитар Таневски и Антонио Павловски.
Од Општината порачуваат дека целта е граѓаните да го запознаат Центар од поинаква перспектива и да откријат детали за секојдневни места кои носат богата историја и значење.
Маршутата опфаќа повеќе препознатливи точки во центарот на Скопје, меѓу кои Градскиот трговски центар, Камениот мост, Кејот на Вардар и Даут-пашин амам, како и други објекти од културно и историско значење.
Турата е бесплатна и е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година.

