Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се прости од својот колега и пријател Јовица Илиевски, градоначалник на Општина Бревеница.
-Со огромна тага ја примив веста за ненадејната смрт на мојот драг пријател, колега и пред сѐ голем човек, Јовица Илиевски.
Јоцо, сите сме во шок и неверување.
Тешко е да се прифати дека повеќе не си меѓу нас, но уште потешко е да се најдат зборови за човек како тебе.
Зад себе остави ведар дух, искрена насмевка, човечност и хумана мисија која допре до многу луѓе.
Твојата желба да помогнеш, твојата добрина и твојата присутност ќе останат засекогаш во сеќавањата на сите кои те познаваа.
Упатувам длабоко сочувство до твоето неутешно семејство, до пријателите, колегите и до сите луѓе кои денес чувствуваат голема празнина поради твоето заминување.
Брвеница е горда на тебе.
Никогаш нема да бидеш заборавен.
Вечна ти слава, другар, напиша градоначалникот на Скопје.
Причините за смртта засега не се објавени.
Илиевски беше позната политичка фигура во оваа општина, каде што ја водеше локалната институција во последните години. Тој беше оженет и татко на две полнолетни деца.
Неговата кариера беше поделена меѓу здравството, локалната политика и спортскиот менаџмент.
Од 1999 година до ноември 2021 година беше вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. Од 11 ноември 2021 година беше избран за градоначалник на Општина Брвеница за периодот 2021–2025 година.
Претходно, во периодот 2013–2017 година беше член на Советот на Општина Брвеница.
Како голем вљубеник, беше активно вклучен во областа на спортот, беше поддржувач на голем број спортски настани и даваше големи придонеси во спортот.
Од 2001 до 2013 година имаше учество во младите категории во рамките на ФФМ, а од 2013 до 2021 година беше член во младата репрезентација до 21 година (У21) во рамките на ФФМ.
Од средината на 2021 година беше член во А-репрезентацијата. Исто така, од 2016 година па сè дотогаш беше потпретседател на Фудбалскиот сојуз Тетово.

