Вашингтон донесе привремена одлука за укинување на дел од санкциите поврзани со иранската нафта, по првата рунда разговори за деескалација на конфликтот и можен мировен договор.
Според американското Министерство за финансии, воведена е 60-дневна суспензија на санкциите, со што се овозможува ограничен извоз, транспорт и трговија со иранска нафта.
Одлуката доаѓа по, како што се оценува, позитивните сигнали од посредниците и изјавите на потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, кој посочи дека во преговорите меѓу Вашингтон и Техеран е забележан напредок кон постигнување договор.
Мерката е дел од 60-дневен меморандум за разбирање потпишан на 17 јуни меѓу двете страни, при што американскиот секретар за финансии Скот Бесент оцени дека разговорите се одвиваат продуктивно и дека одредени точки веќе се имплементираат.
Според одлуката, привремената дозвола важи до 21 август и опфаќа транспорт и трговија со сурова нафта, петрохемиски и нафтени деривати од иранско потекло, како и ограничен увоз на иранска нафта во САД.

