Close Menu
Press24
    Најново

    Андреја Стојковски: Најголемата гаранција што Македонија може да ја има останува сопствениот успех

    08.06.2026 во 10:29

    Драмскиот театар со „Кармен“ на фестивалот БАБЕЛ во Романија

    08.06.2026 во 10:08

    (ФОТО) Српскиот пејач итно опериран: „Сменив 4 болници, од обичен вирус преживеав хорор”

    08.06.2026 во 10:05
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Андреја Стојковски: Најголемата гаранција што Македонија може да ја има останува сопствениот успех
    • Драмскиот театар со „Кармен“ на фестивалот БАБЕЛ во Романија
    • (ФОТО) Српскиот пејач итно опериран: „Сменив 4 болници, од обичен вирус преживеав хорор”
    • Ненадејно почина Арсим Зеколи – истакнатиот политички аналитичар и поранешен амбасадор Арсим Зеколи
    • Драма за малолетник од Скопје – Го снимале со мобилен и го тепале
    • Јавен повик во Гази Баба: Општината доделува субвенции до 20.000 денари за инвертер клими
    • Добри вести за скопјани: Сметките за парно речиси преполовени во мај, јуни и јули – ЕСМ излезе со детали
    • Нови цени на горивата од полноќ
    • Најново
    • Популарно
    • Маркетинг
    • Импресум
    Facebook Instagram TikTok
    Press24Press24
    • Насловна
    • Македонија
      • Политика
      • Скопје
      • Црна хроника
    • Бизнис
    • Свет
      • Регион
    • Забава
    • Спорт
    • Технологија
    • Интервју
    Press24
    Home » Андреја Стојковски: Најголемата гаранција што Македонија може да ја има останува сопствениот успех

    Андреја Стојковски: Најголемата гаранција што Македонија може да ја има останува сопствениот успех

    08.06.2026 во 10:2930 Mins Read
    Сподели
    Facebook Twitter WhatsApp

    Европската Унија ја разбира позицијата на Македонија за барање гаранции, но нема институционални механизми што можат таквите гаранции да ги гарантираат. Ова е само една од оценките, што политичкиот аналитичар Андреја Стојковски, во интервју за Прес 24 ги дава за
    релациите Скопје-Брисел-Софија. Стојковски вели дека Македонија мора да го почене преговарачкиот процес и да биде убедлива во спроведувањето на реформите, бидејќи историјата на проширувањето покажува дека државите кои убедливо ги исполнувале критериумите многу потешко биле предмет на политички оспорувања. Или како што вели Стојковски: „Колку повеќе реформи испорачуваме, колку повеќе се приближуваме до европските стандарди и колку повеќе градиме доверба кај државите членки, толку потешко ќе биде некој да го оспори нашиот
    напредок.“

    -Европската Унија може да гарантира правила, процедури и критериуми. Не може да гарантира дека во иднина нема да се појават нови политички спорови или нови позиции на државите членки. Оттаму, Унијата не може да гарантира политички консензус. Таа е политички сојуз составен од суверени држави и секоја од нив учествува во донесувањето на одлуките, меѓу другото, водена и од сопствените национални интереси. Всушност, прашањето не е дали Европската Унија ја разбира македонската позиција. Таа несомнено ја разбира. Прашањето е дали постои институционален механизам преку кој таква гаранција воопшто може да се даде. Во сегашната архитектура на Унијата, таков механизам практично не постои. Уште повеќе, дури и хипотетички да постоеше политичка волја за таква гаранција, тешко е да се замисли како таа би
    можела да биде апсолутна. Најголемата гаранција што Македонија може да ја има останува
    сопствениот успех, вели Андреја Стојковски во интервју за Прес 24.

    Тој вели дека во македонската јавност има премногу манипулации со темата евроинтеграции, кои сосдаваат недоверба во просесот. На пример македонскиот јазик е целосно затворено прашање и никој не може да го доведе во прашање. Дополително, Стојковски вели дека нити историските прашња, ниту историската комисија не се дел од преговарачкиот процес и Преговарачката рамка не и овозможува на Бугарија можност за вето, поради работата на Комисијата.

    -факт е дека историската комисија не е дел од преговарачката рамка. Нејзината задача е да придонесе кон подобро разбирање на минатото и кон подобри односи меѓу двете држави.
    Нејзините резултати не се кластер, не се поглавје и не се пристапен критериум. Оттаму, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија претставуваат релевантни политички рамки. Но, не секој нивен сегмент автоматски станува дел од пристапните преговори.
    Оттаму, тезата дека работата на Комисијата може да ја одреди европската иднина на државата едноставно не кореспондира со содржината на преговарачката рамка, вели Стојковски.
    Според него оценките дека Македонија е во подобра позиција од Црна Гора и Албанија се
    нереални.

    -Да бидеме реални. Денес Албанија и Црна Гора се пред Македонија. Тоа не е политичка оценка.
    Тоа е фактичка состојба што произлегува од нивниот напредок во пристапните преговори. Црна
    Гора преговара повеќе од една деценија, затвора дел од поглавјата и практично влезе во завршна
    фаза од процесот. Албанија во последните неколку години направи сериозен пресврт и денес
    напредува со темпо што ја приближува кон членството.Но кога зборуваме за 2028 или 2030
    година, треба да бидеме внимателни. Тоа не се години во кои завршуваат преговорите. Тоа се
    години во кои евентуално би можело да се случи пристапувањето во членство. Пред тоа следува
    завршувањето на преговорите, потпишувањето на Договорот за пристапување и неговото
    ратификување во сите држави членки. Тој процес вообичаено трае најмалку две години. Тоа значи дека овие држави практично треба да ги завршат преговорите веќе оваа или следната година. Од таа перспектива, Македонија денес не е во иста позиција како Албанија и Црна Гора, вели Андреја Стојковски во интервју за Прес24.

    ПРЕС24: Последната посета на Антонио Кошта на Македонија не наговести некакви можни промени во односите Скопје–Брисел. какви се вашите оценки?

    СТОЈКОВСКИ: Не верувам дека некој сериозно очекуваше Антонио Кошта да дојде во Скопје и да најави нов пристап на Европската Унија кон Македонија. Односите меѓу Скопје и Брисел денес се прилично јасно дефинирани и во политичка и во институционална смисла.
    Пред сè, треба да разбереме кој е контекстот на посетата. Кошта не дојде во Скопје за да
    преговара за нова рамка, нов договор или нов пристап кон проширувањето. Неговата посета беше дел од пошироките подготовки за Самитот ЕУ–Западен Балкан и треба да се гледа низ призмата на односите на Унијата со целиот регион, а не само со Македонија.

    Во јавноста често постои очекување дека секоја посета на висок европски претставник ќе донесе
    некаква нова порака или пресврт. Но реалноста е поинаква. Европската Унија веќе располага со
    преговарачка рамка за Македонија, која е резултат на консензус на сите држави членки и ги
    дефинира условите под кои државата ќе напредува кон членство.

    Од перспектива на Европската Унија, политиката кон Македонија е одамна дефинирана. Патот кон членството е јасен, условите се познати, а обврските кои државата ги презела се веќе вградени во преговарачката рамка. Оттаму, немаше простор за некаква нова политичка иницијатива или суштински пресврт.

    Она што можеше да се забележи беше дипломатски внимателен пристап. Кошта ја пофали
    работата на Владата во делот на реформите и испрати позитивни сигнали. Но тоа е дел од
    препознатливиот дипломатски речник на Брисел. Ако сакате, тоа е дипломатски modus operandi со кој се создава политичка атмосфера за чекорите што треба да следуваат. Во таа смисла, пофалбите не треба да се толкуваат како потврда дека процесот е успешен, туку како порака дека Брисел очекува продолжување на веќе преземените обврски. Со други зборови, Европската Унија и натаму очекува Македонија да го исполни она што веќе е договорено, а тоа е завршување на
    процесот на уставни измени како предуслов за отворање на следната фаза од преговорите.

    Затоа, посетата повеќе ја гледам како обид да се охрабри Владата да го направи следниот чекор
    отколку како најава за нов пристап на Унијата. Прашањето е дали таквите охрабрувања можат да
    произведат резултат во сегашната политичка атмосфера. Досегашното искуство покажува дека охрабрувањата од Брисел сами по себе не се доволни за да произведат политички консензус во
    земјата, па затоа и очекувањата за брз напредок засега остануваат ограничени.

    ПРЕС24: Владата постојано тврди дека Македонија е водечка држава од Западен Балкан во спроведувањето на реформите и дека не заостанува зад Албанија и Црна Гора, иако формално не ги започнала преговорите. Колку е тоа точно?

    СТОЈКОВСКИ: Како политичка порака, тоа е тврдење што звучи привлечно и лесно комуницира со јавноста. Но кога ќе се погледнат податоците, институционалните показатели и позицијата на државите во пристапниот процес, сликата е значително посложена.
    Најнапред, треба да направиме разлика меѓу реформите и пристапувањето. Реформите се
    средство. Членството е целта. Ниту една реформа сама по себе не може да го замени пристапниот
    процес, исто како што ниту една комуникациска стратегија не може да ја замени политичката и
    институционалната реалност. Целта не е, ниту пак може да биде создавање на добра медиумска
    слика, туку градење и одржување на функционални институции кои ќе имаат капацитет да ја
    приближат државата до членството во Европската Унија.

    Во последните две години Европската комисија воведе нов пристап преку Планот за раст и
    Реформските агенди на државите од Западниот Балкан. За првпат постои релативно јасен систем
    преку кој може да се следи што испорачуваат државите и колку средства добиваат за тоа. Ако ги
    погледнеме досегашните резултати од спроведувањето на Реформските агенди и динамиката на
    исплатите од Планот за раст, ќе видиме дека Албанија и Црна Гора реализираа повеќе обврски и
    повлекоа поголем дел од расположливите средства. Но уште поважно, тие држави се веќе
    значително понапред во самиот пристапен процес и денес реално се најблиску до членството.
    Црна Гора влезе во завршната фаза на преговорите и е најблиску до подготовка за затворање на
    целиот пристапен процес. Албанија го започна затворањето на поглавјата и кластерите. Тие
    напредуваат со темпо што пред неколку години беше тешко замисливо. Тоа не значи дека тие
    немаат проблеми. Имаат. Но нивниот процес се движи.

    Кај Македонија ситуацијата е поинаква. Има еден аспект кој речиси редовно останува во сенка на
    политичкиот маркетинг. Ние често зборуваме за усвоени стратегии, акциски планови и законски
    измени. Проблемот е што честопати се мерат формалните резултати – усвоени стратегии, акциски планови и законски измени – додека многу потешко се мерат реалните резултати во владеењето на правото, независноста на институциите и борбата против корупцијата. Токму на тие области денес Европската Унија става најголем акцент. Тие се во сржта на Копенхашките критериуми и се клучни за пристапувањето.

    Затоа би бил внимателен кога зборуваме за лидерство во регионот. Можно е во одредени области
    Македонија да има добри резултати. Но целокупната слика покажува дека Албанија и Црна Гора
    денес се поблиску до членството отколку што сме ние.
    Затоа, нам не ни е потребен моментален успех заснован на стратешки комуникации. Нам ни треба темпо, континуитет и долгорочна посветеност. Европската Унија не ги оценува државите според нивните политички пораки, туку според нивната способност континуирано да испорачуваат мерливи резултати. Само таквите резултати нè приближуваат до членството и истовремено го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.

    ПРЕС24: Реториката на актуелната влада е позната веќе неколоку години. Суштината на тој политички став е дека Македонија бара гаранции за предвидлив процес во преговоите со ЕУ. Има ли Европа, Брисел, јасно разбирање на оваа македонска позиција и во каква форма Брисел би можел да демострира гаранции што ги бара владата?

    СТОЈКОВСКИ: Мислам дека тука постои една суштинска забуна која се провлекува последниве две години. Треба да се прави разлика помеѓу предвидливоста на процесот на пристапување и
    предвидливоста на политиката за проширување.

    Кога станува збор за самиот процес на проширување, гаранциите веќе постојат. Всушност, токму
    поради критиките дека процесот беше непредвидлив, Франција во 2019 година побара негова
    реформа. Резултатот беше новата Методологија за проширување усвоена во февруари 2020
    година. Таа методологија воведе неколку важни новини. Поглавјата беа групирани во кластери,
    процесот стана пополитички, а напредокот полесно мерлив. Воведен беше и принципот на
    реверзибилност, што значи дека држава која назадува во реформите или во демократските
    стандарди може да биде вратена чекор назад.

    Со други зборови, правилата на играта денес се многу појасни отколку пред десетина години. За
    ова имаме и конкретни примери. Србија е пример што се случува кога реформскиот процес
    стагнира. Црна Гора и Албанија покажуваат што се случува кога постои континуитет во реформите.

    Но, кога македонската Влада зборува за гаранции, мислам дека таа всушност не зборува за ова.
    Таа бара гаранции дека во иднина нема да има нови политички блокади, нови билатерални
    спорови или нови несогласувања околу членството на Македонија. И тука доаѓаме до проблемот.
    Европската Унија може да гарантира правила, процедури и критериуми. Не може да гарантира
    дека во иднина нема да се појават нови политички спорови или нови позиции на државите
    членки. Оттаму, Унијата не може да гарантира политички консензус. Таа е политички сојуз
    составен од суверени држави и секоја од нив учествува во донесувањето на одлуките, меѓу
    другото, водена и од сопствените национални интереси. Всушност, прашањето не е дали
    Европската Унија ја разбира македонската позиција. Таа несомнено ја разбира. Прашањето е дали постои институционален механизам преку кој таква гаранција воопшто може да се даде. Во
    сегашната архитектура на Унијата, таков механизам практично не постои. Уште повеќе, дури и
    хипотетички да постоеше политичка волја за таква гаранција, тешко е да се замисли како таа би
    можела да биде апсолутна. Европската Унија е комплексен политички и правен систем, изграден
    врз основачките договори, секундарното законодавство и огромен број политики и процедури.
    Секое ново политичко прашање, доколку постои доволна волја кај некоја држава членка, може да биде артикулирано и претставено низ постојните правни и политички механизми на Унијата.

    Со други зборови, невозможно е однапред да се исклучат сите потенцијални идни несогласувања, бидејќи политиката секогаш наоѓа начин да се изрази низ институциите. Затоа барањето за
    целосна политичка гаранција е разбирливо од македонска перспектива, но практично
    невозможно за исполнување.

    Најголемата гаранција што Македонија може да ја има останува сопствениот успех. Историјата на проширувањето покажува дека државите кои убедливо ги исполнувале критериумите многу
    потешко биле предмет на политички оспорувања. Колку повеќе реформи испорачуваме, колку
    повеќе се приближуваме до европските стандарди и колку повеќе градиме доверба кај државите
    членки, толку потешко ќе биде некој да го оспори нашиот напредок.

    Сè друго останува дел од политиката. А политиката, за разлика од процедурите и правилата,
    никогаш не може целосно да се гарантира.

    ПРЕС24: Од друга страна, пак во Бугарија има нова политичка влада. Нешто што некако го бараше владата изминативе години, или пак го користеше како аргумент кога зборуваше дека не е возможен дијалог со Софија, бидејќи нема политичка влада таму. Има првични контакти на министерско ново, но што може да се очекува од еден ваков евентуален дијалог?

    СТОЈКОВСКИ: Добро е што има дијалог. Секогаш е подобро да разговараме отколку да се
    оговараме.
    Дијалогот со Бугарија е важен без оглед на тоа која влада е на власт во Софија или во Скопје. Тоа
    не е прашање што се однесува само на билатералните односи или на европската интеграција.
    Добрососедските односи се составен дел од Копенхашките критериуми и од самата политичка
    култура на Европската Унија. Затоа Брисел очекува државите кандидатки да покажат способност
    да ги надминуваат разликите преку разговор, соработка и заемно разбирање.
    Во изминатите години често слушавме аргумент дека во Бугарија нема стабилна политичка влада и дека токму тоа ја ограничува можноста за посериозен политички дијалог. Денес тој аргумент повеќе не постои и затоа е сосема логично да се очекува интензивирање на контактите на политичко и дипломатско ниво. Но, истовремено, не треба да имаме нереални очекувања.
    Формирањето политичка влада во Софија не значи автоматско решавање на отворените прашања.

    Односите меѓу Македонија и Бугарија се обликувани од процес што трае со децении и во кој се
    испреплетени историски, политички, идентитетски и емоционални аспекти. Поради тоа, не треба да очекуваме дека една министерска средба или неколку дипломатски контакти сами по себе ќе донесат суштински пресврт.

    Она што реално може да се очекува е постепено обновување на довербата и воспоставување
    пофункционални канали за комуникација. Тоа можеби не звучи спектакуларно, но во дипломатијата често претставува најважниот предуслов за напредок. Во последните години
    премногу често сведочевме на комуникација преку медиуми, јавни препукувања и пораки
    наменети пред сè за домашната јавност. Доколку новата политичка динамика овозможи повеќе
    директен разговор и помалку јавна конфронтација, тоа само по себе ќе биде позитивен чекор.
    Истовремено, би било погрешно целиот процес да се сведе само на средби меѓу министрите.
    Трајното подобрување на односите бара поширока соработка – меѓу универзитетите, бизнис-
    заедниците, културните институции, локалните заедници и граѓаните. Политичките договори
    можат да создадат рамка, но довербата меѓу општествата се гради многу побавно и многу
    подлабоко.

    Во таа смисла, можеби најголемиот пропуст во изминатите години беше што премалку внимание
    посветивме на контактите меѓу луѓето, а премногу на јавните политички конфронтации. Кога
    комуникацијата меѓу општествата слабее, просторот неизбежно го исполнуваат стереотипите,
    предрасудите и оние политички и јавни актери кои своето влијание го градат врз одржувањето на конфликтот, а не врз неговото надминување. За жал, такви гласови постојат и во Македонија и во Бугарија, а премногу ретко сме подготвени јасно да се дистанцираме од нив.

    Односите меѓу две држави не се подобруваат кога разговараат само владите. Тие се подобруваат
    кога разговараат и општествата. Затоа новата влада во Софија сама по себе нема магично да ги
    реши проблемите. Но може да помогне да се создаде поинаква атмосфера и поинаква динамика
    на односите. А во дипломатијата атмосферата често е првиот предуслов за решение.

    На крајот, прашањето не е дали ќе има дијалог. Прашањето е дали постои доволно политичка
    подготвеност од двете страни дијалогот да се претвори во процес, а процесот со текот на времето
    да произведе резултати.

    ПРЕС24: Веќе извесно време, барем во реториката на премиерот и на дел министри, провејува еден момент, кој владата постојано го наметнува, а тоа е дека не само гаранции за тоа дека идентитекстките прашања нема да бидат дел од преговрачкиот процес, туку се внесува и некакво барање за почитување на пресудите на Еврупскиот суд за човекови права за македонското малцинство во Бугарија. Тоа ви личи на сериозно македонско барање ставено на маса, или пак политички блеф да се постигне подобра позиција.

    СТОЈКОВСКИ: Мислам дека тука Владата создава очекувања кои тешко можат да бидат
    реализирани во пракса. Пред сè, треба да потсетиме дека Македонија денес има Преговарачка
    рамка со Европската Унија. Таа рамка е усвоена со консензус на сите држави членки во јули 2022
    година, а од тогаш до денес, во повеќе наврати беше повторено дека нејзино повторно отворање
    и менување не е реална опција. Да бидам јасен, секое ново барање што се појавува надвор од
    веќе договорената рамка носи ризик повеќе да ја усложни ситуацијата отколку да помогне во
    нејзино решавање.

    Од другата страна постои и еден принципиелен аспект на ова прашање. Македонскиот Устав
    содржи јасна определба за немешање во внатрешните работи на други држави. Слична логика и
    одредба постои и во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Тоа е принцип кој
    постои во современите меѓународни односи и кој треба, или важи за сите. Лицата кои
    поднесуваат претставки пред Европскиот суд за човекови права се државјани на Бугарија. Тие
    своите права ги бараат во однос на државата чиишто државјани се и тоа е прашање кое
    првенствено се однесува на односот помеѓу бугарската држава и нејзините граѓани. Секако,
    човековите права се важни. И секоја демократска држава треба да биде заинтересирана за
    нивното почитување. Но постои разлика помеѓу принципиелна поддршка за човековите права и
    нивно претворање во централен елемент на сопствената преговарачка позиција. Тоа се две
    различни работи и не треба да се мешаат.

    Прашањето што се поставува е дали Македонија добива нешто конкретно со отворањето на ова
    прашање во момент кога има многу јасно дефинирани обврски во пристапниот процес. Јас сум
    убеден дека не. Уште повеќе, отворањето на ова прашање како дел од европската агенда на
    Македонија произведува повеќе политички симболизам отколку реален напредок, а постои
    реална опасност интересите на мнозинството граѓани на Македонија и нивната европска
    перспектива да бидат ставени во заложништво на прашање врз кое државата има многу
    ограничено влијание.

    Затоа мислам дека треба внимателно да се прави разлика меѓу принципиелната поддршка за
    човековите права и нивното користење како инструмент во преговарачки процес кој има сосема
    друга природа. Оттука, тешко е да се избегне впечатокот дека ваквите иницијативи имаат поголема вредност како инструмент на домашната политичка комуникација отколку како дел од
    стратегија што реално може да го придвижи македонскиот пристапен процес.

    ПРЕС24: Може ли малку да ги изнализираме односите на Македонија со ЕУ и со Бугарија. Во Македонија како да има една пошироко распространета перцепција дека сегашната преговарачка рамка и францускиот предлог се нередвидлив процес. Таа реторика оформи јавна свест на противење не уставните измени, но реално власта не го спори ниту францускиот предлог, ниту преговарачката ракма, туку бара гаранции дека нема да има идни вета за историјата.

    СТОЈКОВСКИ: Ова е едно од најважните прашања во целата дебата за европските интеграции. Во Македонија, во последните години се создаде впечаток дека Францускиот предлог и
    Преговарачката рамка отвораат бесконечен простор за нови условувања и нови историски
    барања. Голем дел од оваа перцепција беше создадена во атмосферата на 2022 година, кога
    јавноста беше изложена на исклучително силна политичка поларизација и огромен број
    дезинформации направени за политичка придобивка која во неколку од најгласните случаи
    набргу потоа се реализираше.

    Благодарение на тие гласови се создаде впечатокот дека Францускиот предлог и преговарачката
    рамка отвораат бесконечен простор за нови условувања и нови историски барања. Дел од
    јавноста искрено верува дека идентитетот, историјата и јазикот станале предмет на преговорите.
    Но, кога ќе ги погледнеме документите, работите изгледаат поинаку.

    Факт е дека преговорите за членство се водат врз основа на Преговарачката рамка усвоена од
    Советот на Европската Унија со консензус. Факт е дека добрососедските односи се дел од
    Копенхашките критериуми. Тоа не е новина воведена со Францускиот предлог. Тоа е принцип кој
    постои со децении и важел за сите држави кои станале членки на Унијата. Факт е дека и Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија се споменуваат како дел од поширокиот политички контекст на процесот. Меѓутоа, Македонија не преговара за сопствениот идентитет и историја, туку за владеење на правото, економија, животна средина, енергетика, дигитализација, јавна администрација и сите останати области што го сочинуваат европското законодавство. Со други зборови, во преговорите се утврдуваат преодните рокови кога и како Македонија ќе постигне целосна хармонизација, преземање и примена, помеѓу македонското законодавство и правото на Европската Унија.

    Исто така, факт е дека историската комисија не е дел од преговарачката рамка. Нејзината задача е да придонесе кон подобро разбирање на минатото и кон подобри односи меѓу двете држави.
    Нејзините резултати не се кластер, не се поглавје и не се пристапен критериум. Оттаму, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија претставуваат релевантни политички рамки. Но, не секој нивен сегмент автоматски станува дел од пристапните преговори.

    Оттаму, тезата дека работата на Комисијата може да ја одреди европската иднина на државата
    едноставно не кореспондира со содржината на преговарачката рамка.
    Дали постои ризик од нови политички несогласувања во иднина? Секако дека постои. Таков ризик постои во секој процес на проширување и ниту една институционална рамка не може целосно да го елиминира. Но тоа е различно од тврдењето дека историјата и идентитетот станале формален предмет на пристапните преговори.

    Токму затоа мислам дека денес дебатата треба да се врати на фактите. Прашањето не е дали
    постојат политички ризици. Прашањето е дали тие ризици се содржани во преговарачката рамка
    или се последица на пошироката политичка динамика во регионот. Според мене, документите се
    прилично јасни по тоа прашање.

    На крајот, не постои преговарачка рамка без ризици. Постои само избор помеѓу процес што може да се води и застој што сигурно не води никаде. Затоа вистинското прашање денес не е дали рамката е совршена, туку дали Македонија има подобра и поостварлива алтернатива од процесот што веќе стои пред неа.

    ПРЕС24: Реално дали преговарачката рамка и овозможува на Бугарија можност за вето, ако на пример историската комисија не дава резултати?

    СТОЈКОВСКИ: Краткиот одговор е – не.

    Историската комисија не е дел од преговарачката рамка и нејзината работа не претставува
    формален критериум за напредок во пристапните преговори. Нејзините резултати не се кластер,
    не се поглавје и не се пристапен репер. Оттаму, преговарачката рамка не содржи одредба според
    која Бугарија би можела да стави вето затоа што Комисијата не постигнала одреден резултат.
    Она што дополнително создава забуна е што често се мешаат две различни работи: содржината на преговарачката рамка и политичката реалност на Европската Унија. Прашањето што го поставувате се однесува на рамката, а таму одговорот е прилично јасен – таква одредба не постои.

    Историската комисија е механизам создаден со Договорот за пријателство и добрососедство меѓу
    Македонија и Бугарија. Нејзината задача е да придонесе кон подобро разбирање на минатото и
    кон подобри односи меѓу двете држави, а нејзината работа не претставува формален услов за
    напредок во пристапниот процес.

    Со други зборови, Европската иднина на Македонија не зависи од тоа дали историчарите ќе ја
    завршат својата работа, туку од тоа политичарите да ја завршат својата.

    ПРЕС24: Дополнително, има ли каква било опасност за македонскиот јазик да изчезне во тој процес на преговори?

    СТОЈКОВСКИ: Не! Таква закана не постои.
    Искрено, ова е една од тезите што најлесно може да се демантира со факти. Ако членството во
    Европската Унија нешто направи со македонскиот јазик, тогаш тоа е да му даде дополнителна
    институционална заштита и меѓународна видливост.

    Ајде да се потсетиме на неколку работи. Прво, Преговарачката рамка е усвоена на македонски
    јазик. Второ, целиот пристапен процес денес се одвива со официјално користење на
    македонскиот јазик.Трето, во институциите на Европската Унија веќе се користи ознаката „MK“ и
    називот „македонски јазик“, а македонски толкувачи и преведувачи учествуваат во
    комуникацијата со европските институции. Четврто, едно од најголемите задолженија во текот на пристапните преговори е преведувањето на целокупното европско законодавство на македонски јазик. Зборуваме за неколку стотици илјади страници директиви, регулативи, судска практика и други правни акти кои ќе станат дел од официјалниот правен и терминолошки корпус на македонскиот јазик. Петто, во моментот кога Македонија ќе стане членка на Европската Унија, македонскиот јазик ќе стане службен јазик на Унијата, исто како што денес се словенечкиот, хрватскиот, бугарскиот или малтешкиот.

    Во јавноста повремено се појавуваат и стравувања дека прашањето за македонскиот јазик би
    можело повторно да се отвори во завршните фази на преговорите преку Поглавјето 34 или
    Поглавјето 35. Но актуелната Преговарачка рамка не воспоставува посебно „бугарско Поглавје 35“, ниту пак содржи механизам сличен на оној што Европската Унија го примени кон Србија во
    контекст на Косово. Со други зборови, не постои механизам преку кој прашањето за македонскиот јазик е поставено како формален пристапен услов што треба да се исполни во текот на преговорите. Напротив, Европската Унија веќе го користи терминот „македонски јазик“ во официјалните документи, процесот на скрининг се спроведува на македонски јазик, а

    Договорот со FRONTEX беше потпишан на македонски јазик. Токму затоа правниот и институционалниот ризик за повторно отворање на ова прашање е значително помал од она што често се претставува во јавната дебата.

    Со други зборови, тезата дека европската интеграција може да доведе до исчезнување на
    македонскиот јазик не е заснована ниту на правните факти ниту на институционалната практика на Европската Унија. Таа е последица на политички наративи кои намерно ги засилуваа стравовите во јавноста, до степен што кај дел од граѓаните создадоа речиси параноични претстави за тоа што навистина содржи Преговарачката рамка.

    Ако сакаме да зборуваме за вистинските ризици за македонскиот јазик, тие се наоѓаат на друго место – во образованието, во културата на читање, во квалитетот на наставата, во дигиталната
    средина и во способноста на државата да инвестира во развој на науката, терминологијата и
    културата на македонски јазик.

    Европската Унија и преговорите не се закана за македонскиот јазик. Напротив, Унијата е можност македонскиот јазик да стане дел од еден многу поголем институционален, правен и културен простор.

    ПРЕС24: Сепак формулацијата спроведување на договорите за добрососедство, договорот од преспа е широка рамка, дали тука има простор за еднострано толкување на пример од Бугарија дека договорот не се спроведува и да се случи нова блокада, нешто од што стравува владата?

    СТОЈКОВСКИ: Теоретски, да. Практично, работите се посложени.
    Политичките договори ретко кога се пишуваат со апсолутна прецизност. Тие оставаат простор за
    различни толкувања и токму затоа понекогаш стануваат предмет на политички спорови. Во таа
    смисла, секогаш е можно една држава да оцени дека одредени обврски не се спроведуваат
    доволно или дека нивното толкување треба да биде поинакво. Но, во Македонија често се
    создава впечаток дека секоја различна интерпретација автоматски води кон ново вето или нова
    блокада. Тоа не е начинот на кој функционира Европската Унија.

    Најпрвин треба да признаеме нешто што ретко го кажуваме гласно. Обата договори, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија денес се спроведуваат
    значително помалку од она што беше замислено кога беа потпишани. Тоа не е одговорност само
    на една страна. Тоа е заеднички проблем и токму затоа не би било изненадување доколку во
    иднина се појавуваат различни оценки за степенот на нивното спроведување. Сепак, важно е да се направи разлика помеѓу политички ризик и формален механизам за блокада. Не постои
    автоматска одредба во Преговарачката рамка според која нечија оценка дека договорите не се
    спроведуваат доволно веднаш би довела до застој на преговорите. Таквите прашања најнапред
    стануваат предмет на политички разговор, дипломатска комуникација и институционални
    механизми.

    Кога станува збор за Договорот од Преспа, во моментов не гледам непосреден ризик тој да стане
    извор на проблеми во пристапниот процес. Причината е едноставна – Македонија сè уште не води суштински пристапни преговори по кластери и поглавја. Прашањето за целосното исполнување на обврските од договорите ќе добива на значење како што процесот ќе напредува.

    Од друга страна, секоја држава членка може политички да изрази незадоволство ако оцени дека
    некој договор не се спроведува. Тоа е дел од политичката реалност на Европската Унија. Но
    политичката реалност не е исто што и автоматски пристапен услов. Во Унијата политиката секогаш останува политика, а не математичка равенка.

    На крајот, најдобрата заштита од вакви ситуации не е во предупредувањата за можни ризици, туку во градењето сопствен кредибилитет. Колку повеќе Македонија покажува дека доследно ги
    исполнува преземените обврски, толку потешко ќе биде која било држава членка убедливо да
    аргументира дека процесот треба да биде блокиран.

    Затоа јас би бил внимателен со драматичните сценарија. Ризици постојат и тие не треба да се
    игнорираат. Но тие не се ниту толку автоматски, ниту толку едноставни како што понекогаш се
    претставуваат во јавната дебата.

    ПРЕС24: Има ли во Брисел реални, искрени и издржани намери за ново проширување, особено ако се следи последниот неформален документ на Мерц и Макрон?

    СТОЈКОВСКИ: Мислам дека денес веќе не е прашање дали Европската Унија сака проширување.
    Прашањето е какво проширување сака. Пред десетина години навистина можевме да зборуваме за замор од проширувањето. По големото проширување кон Средна и Источна Европа, а потоа и по финансиската криза, миграциската криза и Брегзит, во многу европски престолнини постоеше чувство дека Унијата треба повеќе да се концентрира на сопствената консолидација отколку на прием на нови членки.

    Денес состојбата е суштински поинаква. Руската агресија врз Украина, геополитичката
    конкуренција и потребата од поголема европска безбедност повторно го направија
    проширувањето стратешко прашање. Во такви услови, Западниот Балкан повеќе не се гледа само
    низ призмата на политиката на проширување, туку и како прашање на европска безбедност,
    стабилност и геополитичко позиционирање.

    Токму затоа иницијативите што доаѓаат од Берлин, Париз и други европски центри не ги читам
    како откажување од проширувањето. Напротив, ги читам како обид да се најдат нови модели
    преку кои државите кандидатки постепено ќе се интегрираат во европските политики, институции и пазари уште пред формалното членство. Во таа смисла и предлогот на канцеларот Мерц и претседателот Макрон не го гледам како утешна награда за кандидатките. Го гледам како обид да се забрза интеграцијата и кандидатките побрзо да ги почувствуваат придобивките од европското членство уште пред формално да станат членки на Унијата.

    Но, токму тука се наоѓа и најважната дилема. Европската Унија денес многу подетално објаснува
    како кандидатките можат постепено да се интегрираат во нејзините политики, институции,
    програми и пазари. Она што сè уште останува нејасно е кога таа интеграција станува членство. Со
    други зборови, дали постепената интеграција е пат кон полноправно членство или ризикува да
    стане негова замена? Токму околу ова прашање се води една од најважните европски дебати
    денес. Ако постепената интеграција е чекор кон членството, тогаш тоа е прагматичен и разумен
    пристап. Ако, пак, стане трајна состојба, тогаш ризикуваме да создадеме држави кои ќе бидат
    усогласени со европските политики, ќе учествуваат во дел од европските механизми и пазари, но
    без реална перспектива некогаш да станат полноправни членки.

    Во последните години сè повеќе гледаме елементи на политика која не се заснова само на
    интеграција, туку и на управување со соседството. Европската Унија сака Западниот Балкан да
    биде стабилен, демократски и усогласен со европските политики. Прашањето е колку брзо е
    подготвена таа усогласеност да ја претвори во полноправно членство.

    Мојот впечаток е дека волја за проширување постои. Но таа волја денес е многу повеќе условена,
    многу повеќе поврзана со резултатите и многу помалку романтична отколку што беше пред
    дваесет години. Токму затоа следните неколку години ќе бидат одлучувачки за кредибилитетот на европската политика на проширување. Доколку државите што испорачуваат резултати навистина напредуваат кон членство, тогаш довербата во процесот ќе се зајакне. Ако не се случи тоа, ќе се засили впечатокот дека интеграцијата станува замена за членството, а не пат кон него.

    Затоа мислам дека најголемата грешка што можеме да ја направиме е целиот проблем да го
    сведеме на Брисел. Ако Црна Гора и Албанија напредуваат, тогаш е тешко да се тврди дека
    проблемот е исклучиво во Европската Унија. Дел од одговорот мора да го бараме и дома. Но,
    истовремено, Европа ќе мора да даде одговор и на едно подеднакво важно прашање. Денес
    повеќе не е спорно дали сака интеграција на Западниот Балкан. Очигледно е дека сака.
    Вистинското прашање е дали е подготвена таа интеграција во одреден момент да ја претвори во
    полноправно членство. Одговорот на тоа прашање ќе го одреди кредибилитетот на европската
    политика на проширување во следната деценија.

    ПРЕС24: Некој неофицијален датум за тоа ново проширување е крајот на оваа деценија. Тоа реално се 4 години. Во овој процес Црна Гора и Албанија се најблиску до целта. Реално, Македонија и да направи уставни измени, оваа година, или следната, има ли капацитет да влезе во тој круг со Тирана и Подгорица.

    СТОЈКОВСКИ: Да бидеме реални. Денес Албанија и Црна Гора се пред Македонија. Тоа не е
    политичка оценка. Тоа е фактичка состојба што произлегува од нивниот напредок во пристапните преговори. Црна Гора преговара повеќе од една деценија, затвора дел од поглавјата и практично влезе во завршна фаза од процесот. Албанија во последните неколку години направи сериозен пресврт и денес напредува со темпо што ја приближува кон членството.
    Но кога зборуваме за 2028 или 2030 година, треба да бидеме внимателни. Тоа не се години во кои завршуваат преговорите. Тоа се години во кои евентуално би можело да се случи пристапувањето во членство. Пред тоа следува завршувањето на преговорите, потпишувањето на Договорот за пристапување и неговото ратификување во сите држави членки. Тој процес вообичаено трае најмалку две години. Тоа значи дека овие држави практично треба да ги завршат преговорите веќе оваа или следната година.

    Од таа перспектива, Македонија денес не е во иста позиција како Албанија и Црна Гора. Тоа би
    било нереално да се тврди. Но исто така би било погрешно да се заклучи дека нема простор за
    сериозно приближување доколку се отстранат политичките пречки и процесот конечно започне со полн интензитет. Со години слушаме дека Македонија е државата кандидат која е најусогласена со европското законодавство, дека располага со значително искуство од процесот на хармонизација и дека има солиден административен капацитет. Ако овие оценки се точни, тогаш логично е да се постави прашањето зошто државата не би се обидела да го намали
    заостанувањето.

    Секако, не сакам да тврдам дека Македонија може магично да надомести повеќе од една
    деценија изгубено време. Но исто така не сакам да ја потценам можноста за забрзан напредок
    доколку постои јасна политичка волја, силна реформска агенда и мобилизација на институциите.
    Проблемот не е само во капацитетот. Проблемот е што веќе подолго време најголем дел од
    политичката енергија ја трошиме на расправа дали треба да продолжиме по европскиот пат,
    наместо на работа како најбрзо и најефикасно да напредуваме по него. Времето не работи во
    наша корист. Но, прозорецот сè уште не е затворен, целосно.

    Прашањето не е дали Македонија има капацитет да напредува побрзо. Прашањето е дали ќе
    покаже доволно политичка одлучност тој капацитет конечно да го искористи.

    ПРЕС24: Кога зборуваме за Западен Балкан, може ли тој простор да се толкува како појас во кој се помалку се Црна Гора и Албанија, а се повеќе се Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина?

    СТОЈКОВСКИ: Во извесна смисла, да. Но, најнапред треба да разбереме дека терминот „Западен Балкан“ не е географски, туку политички. Тој се појави откако Бугарија и Романија станаа членки на Европската Унија и беше потребно да се именува групата држави од регионот кои останаа надвор од Унијата.

    Во таа смисла, самиот поим постои затоа што овие држави сè уште не се членки на Европската
    Унија. Доколку Црна Гора и Албанија навистина станат членки во текот на оваа деценија, тогаш
    сосема логично ќе се постави прашањето дали Западен Балкан ќе продолжи да постои како
    политичка категорија во сегашната форма.

    Веќе денес може да се забележи одредено раздвојување на патеките. Од една страна се Црна
    Гора и Албанија, кои се во напредна фаза на пристапните преговори и сè почесто се споменуваат
    како можни идни членки до крајот на деценијата. Од друга страна, се Македонија, Србија, Косово
    и Босна и Херцеговина, секоја со свои специфични политички и институционални предизвици кои го забавуваат процесот на пристапување.

    Сепак, би бил внимателен ова да не го претвориме во некаква нова поделба на регионот.
    Албанија не е конкуренција на Македонија. Црна Гора не е конкуренција на Македонија.
    Напротив, доколку тие станат членки, тоа ќе биде доказ дека политиката на проширување сè уште функционира и дека членството останува достижна цел за државите од регионот.

    Балканот и натаму останува простор на силна меѓусебна зависност. Безбедносните, економските,
    инфраструктурните и политичките процеси не застануваат на границите. Напредокот на една
    држава неминовно влијае и врз останатите. Затоа, вистинското прашање не е дали Црна Гора и
    Албанија ќе го напуштат Западниот Балкан како политичка категорија. Вистинското прашање е
    дали Македонија ќе успее да го фати чекорот со нив и да остане дел од кругот на држави кои
    реално се движат кон членство, а не само кон интеграција без членство.

    ПРЕС24: Може ли влезот на Албанија во ЕУ да предизвика политички и безбедносни потреси во Македонија?

    СТОЈКОВСКИ: Може. Но не мислам дека најголемиот ризик е безбедносен.
    Македонија и Албанија се сојузници во НАТО. Двете држави имаат стабилни односи, развиена
    безбедносна соработка и не гледам реална безбедносна закана што би произлегла од самото
    членство на Албанија во Европската Унија.

    Ризикот е на друго место.

    Во последните две децении европската интеграција беше можеби единствениот голем политички
    и општествен проект околу кој постоеше широк консензус во државата. Различни политички
    партии, различни етнички заедници и различни генерации имаа различни причини да ја
    поддржуваат европската интеграција. За едни Европската Унија беше гаранција за демократија и
    владеење на правото. За други беше гаранција за економски развој. За трети беше гаранција за
    еднаквост, права и можности. Но целта беше заедничка.

    Доколку Албанија стане членка на Европската Унија, а Македонија остане надвор од процесот, тоа неизбежно ќе создаде чувство на фрустрација, разочараност и неправда кај дел од граѓаните.
    Особено ако продолжи перцепцијата дека државата со години стои во место додека другите
    напредуваат. Но, постои и една подлабока димензија на ова прашање. Што ќе се случи ако
    европската перспектива престане да биде реална и достижна цел? Што ќе ја замени како
    заедничка визија за иднината?

    Во услови кога и денес имаме сегрегација во образованието, недоволна интеграција меѓу
    заедниците, периодични националистички наративи и високо ниво на недоверба, губењето на
    европската перспектива не е само надворешно-политички проблем. Тоа станува внатрешно-
    политички и општествен проблем.

    Затоа не стравувам од членството на Албанија. Напротив, доколку Албанија стане членка, тоа ќе
    биде доказ дека политиката на проширување сè уште функционира.

    Стравувам од сценариото во кое Македонија ќе остане без најголемата заедничка политичка цел
    што ја имаше во изминатите две децении. Тогаш нема да се поставува прашањето каде оди
    Албанија. Ќе се поставува прашањето каде оди Македонија.

    Прочитај повеќе

    Отец Јаков: Не нè плаши нас вештачката интелигенција, нас нè плаши компромитираноста на овој свет, кој „во зло лежи“

    19.04.2026 во 10:32

    Златко Кузманов: Ако Иранците не се кренат против режимот, Трамп ќе мора да бара излезни решенија

    21.03.2026 во 10:47
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Насловна
    • Најново
    • Импресум
    • Маркетинг
    Њу Медиа Комјуникејшн © 2010 | сите права заштитени

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.