Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека продолжувањето на преговорите со Европската Унија зависи исклучиво од актуелната власт, која, според него, не покажува вистинска волја за тоа. Тој повтори дека внесувањето на Бугарите во Уставот не претставува закана за македонскиот идентитет, јазик или други национални обележја.
„Дали ќе ги продолжиме преговорите зависи од власта, а очигледно е дека таа не го сака тоа. Наместо да го направи чекорот што не носи никаков ризик – уставните измени, власта ги плаши граѓаните дека се загрозени јазикот и идентитетот. Билатералните прашања со која било земја членка на ЕУ не се дел од преговарачката рамка и граѓаните треба да го знаат тоа“, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на конгресот на НСДП.
Според него, билатералните спорови се решаваат на билатерално ниво и не можат да влијаат врз процесот на отворање и затворање на преговарачките кластери, како што тоа го покажало искуството на сите земји што станале членки на Европската Унија.
Филипче ја обвини Владата за, како што рече, манипулации и политичко профитирање на темата евроинтеграции.
„Ова е уште една лага и манипулација на власта. Како и пред изборите во 2024 година, се обидуваат да се претстават како единствени заштитници на националните интереси. Но, со блокирањето на европскиот пат, Владата предводена од Христијан Мицкоски всушност ја загрозува иднината на државата и нејзините национални интереси“, рече лидерот на СДСМ.
Тој одговори на прашање дали по последните пораки од официјална Софија СДСМ останува на ставот дека уставните измени се единствениот услов за продолжување на евроинтегративниот процес и за отворање на патот кон полноправно членство во Европската Унија.

