Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, се наоѓа во дводневна работна посета на Брисел. Според партиското соопштение, тој остварува серија средби со претставници на европските институции и Европскиот парламент.
Првиот ден од посетата помина во разговори со Емануел Жиофре од Европската служба за надворешна акција и Валентина Суперти од Директоратот за соседство и проширување (DG NEAR). Османи се сретна и со европратениците Лукас Мандл и Илхан Кјучјук. Денеска, агендата продолжи со средби во кабинетот на комесарката за проширување Марта Кос, како и со европратениците Владимир Пребилич, Тис Ројтен и Матијаж Немец.
Во фокусот на разговорите беше нарушувањето на Охридскиот договор и застојот во евроинтеграциите.
„Османи алармираше дека се реализира подготвен и организиран план за поништување на мировниот договор — план кој веќе ги урна неговите главни столбови, оставајќи вакуум кој создава сериозна непредвидливост и кој лесно може да биде злоупотребен од трети страни“, се наведува во дописот од ДУИ.
Османи потенцираше дека е неопходно итно надминување на блокадата кон ЕУ, особено по напредокот на Албанија и Црна Гора.
„Османи нагласи дека внатрешната и надворешната интеграција бараат храбри одлуки внатре во земјата, но и јасна и постојана посветеност од европските партнери“, соопштуваат од партијата.

