Денеска во Македонија се очекува сончево време, проследено со мала до умерена локална облачност, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Низ земјава ќе дува слаб до умерен ветер, кој ќе доаѓа претежно од северен правец.
Живата во термометрите ќе се движи во интервал од минимални -1 до 6 степени, додека дневниот максимум ќе достигне вредности меѓу 15 и 23 степени.
Во Скопје, исто така, преовладува сончево време со повремена облачност и умерен северен ветер. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 4 степени, додека максималната дневна ќе се искачи до 21 степен.
Според прогнозата на УХМР, топлото време ќе се задржи и за време на викендот, како и на почетокот на следната седмица. Се очекува сончево време со повремена променлива облачност, додека во источните делови се најавува повремено засилен северен ветер.
Промена на временската состојба се очекува од вторник, кога според метеоролозите следува период на променливо облачно и нестабилно време, проследено со повремен дожд и грмежи. Во тој период се очекува и постепено опаѓање на дневните температури.

