Со имплементацијата на новиот Закон за средно образование, годинава матурантите ќе полагаат три типа завршен испит: државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, појасни дека промената се должи на разликите во наставните програми помеѓу гимназиското, стручното и уметничкото образование.
„Соодветно на тоа од која област доаѓаат, учениците така и ќе полагаат. Затоа што постои разлика во општообразовните предмети на гимназиското учење, средно стручното учење и уметничкото учење. Помал е обемот и бројот на часови во стручните и во уметничките училишта и овој пат материјалот што ќе го полагаат учениците ќе биде приспособен на она што тие го изучувале во текот на четири години“, изјави министерката Јаневска.
Во однос на регуларноста на процесот, министерката изрази оптимизам, истакнувајќи дека минатата година биле забележани значително помалку обиди за препишување.
„Тоа нè охрабрува. Самото промовирање на тоа дека матурата тие треба да ја сфатат како завршување на нивното средно образование, а не како нешто страшно, како проценка на нивноти знаење за понатамошниот живот, предизвика ефект. Но, секако, се работеше и со оценувачите и со набљудувачите, и минатата и оваа година, и јас сум длабоко убедена дека и оваа година процесот ќе биде така како што треба да биде“, додаде Јаневска.

