Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази големо задоволство од пристигнувањето на првите оклопни возила од типот „Stryker“, нагласувајќи дека оваа набавка значително ќе ги зајакне капацитетите на Армијата. Тој упати благодарност до воениот врв, Министерството за одбрана, како и до стратешкиот партнер САД за целосната логистичка поддршка.

„Ова за нас многу значи, ја подобрува оперативноста и ја зголемува мобилноста на самата Армија. На тој начин стануваме поконкурентни во споредба со другите армии“, изјави Мицкоски, потенцирајќи дека Владата ќе продолжи со инвестициите во современа опрема.

Премиерот истакна дека Македонија веќе го надминува минимумот од 2% од БДП за одбрана, рангирајќи се меѓу земјите со највисоки инвестиции во сопствената војска во рамките на НАТО. Целта е до 2032 година целосно да се исполнат сите предвидени критериуми за модернизација во согласност со буџетските можности.



