Државниот завод за ревизија направил ревизија на работата на Државната изборна комисија (ДИК) за 2024 година, при што утврдил неправилности и системски слабости.
При ревизијата било констатирано дека пописот на средствата и обврските не е извршен согласно законските и подзаконските акти, дека не била извршена процена на вредноста на дел од недвижностите, како и дека планирањето и одобрувањето на средствата за спроведување на изборите во 2024 година не се вршело според законски утврдените пропорции.
ДЗР утврдил и ненавремено и некомплетно доставување на документацијата за трошоците за спроведените изборни дејствија на изборните органи, набавка на стоки и услуги за кои не е спроведена јавна набавка, како и недоследна примена на одредбите од Законот за јавни набавки во одредени постапки.
Извршената анализа на податоците од табелата покажува дека планирањето и одобрувањето на средствата за спроведување на изборите во 2024 година не е согласно членот 88 од Изборниот законик. Наместо 33,33% од средствата да бидат наменети за надомест на трошоците на учесниците во изборната кампања за платено политичко рекламирање, при планирањето биле одредени 50% од средствата, додека за останати изборни дејствија, наместо 66,67%, планирани се 50% од средствата. Во одобрените буџетски средства, средствата за платено политичко рекламирање учествуваат со 43%, а средствата за останати изборни дејствија со 57%.
Оваа состојба резултира со прелевање на 129.453 илјади денари, наменети за останати изборни дејствија, кон исплата на трошоците за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи.
Како системски слабости, ДЗР во извештајот ги наведува потребата од усогласување на законите кои го регулираат оданочувањето на изборните активности и преиспитувањето на начинот на распределба на средства за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи.

