Денес во Кочани оддаваме тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа. Една година подоцна, болката и празнината се уште се чувствуваат во секое срце, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа.
Ова на Фејсбук го напиша македонскиот премиер, Христијан Мицкоски.
-Со голема почит се потпишав во книгата на жалост како искрен чин на почит кон настраданите и како израз на солидарност со нивните семејства и присуствував на комеморативниот настан „Ден на сеќавање -16 март 2025“ во Центарот за култура „Бели мугри“.
Нека споменот за нив остане вечен, а нашата заедничка човечност и единство нека бидат сила што ќе не води напред.
Со длабоко сочувство кон семејствата, Кочани памети, Македонија памети, напиша Мицкоски.
На 16 март 2025 година, во трагичниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“, животот го загубија 63 лица, меѓу кои имаше и деца, додека повеќе од 200 луѓе беа повредени. Непосредно по несреќата беше одржана итна седница на Советот на Општина Кочани, по што беше прогласена седумдневна жалост – најпрво на локално, а потоа и на државно ниво. Иако првичните информации говореа за 59 загинати и над 150 повредени, по завршувањето на лекувањето на повредените и во рамки на обвинителните постапки, конечниот биланс изнесуваше 63 жртви и повеќе од 200 повредени.
Истрагата покажа дека ноќниот клуб со години функционирал незаконски, без исполнување на основните технички и безбедносни услови, без соодветни дозволи и без почитување на противпожарните стандарди. Во објектот биле вршени реконструкции без стручен надзор, биле употребувани лесно запаливи материјали, а просторот не ги задоволувал ниту основните безбедносни критериуми.
Кобната вечер биле активирани три пиротехнички средства во исто време, насочени кон плафонот обложен со полиуретански сунѓер. Пожарот се проширил за само неколку секунди, а густ чад и паника ги затекнале посетителите во клубот кој имал само еден, недоволно соодветен излез. Поголемиот дел од жртвите загинале обидувајќи се да стигнат до вратата, која не претставувала стандардно евакуациско решение.
Жртвите се Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев.

