Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ) соопшти дека се зголемува бројот на македонски државјани кои се јавуваат во нашите претставништва, пријавувајќи дека се затекнати во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството уверуваат дека со сите нив се одржува постојан контакт и веќе се преземаат подготовки за нивна безбедна евакуација.
„Формиран е кризен штаб кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во регионот доследно да ги почитуваат упатствата на локалните безбедносни органи“, велат од МНРНТ.
За сите граѓани на кои им е потребна асистенција, на располагање се дежурните телефони во Скопје, како и во амбасадите во Доха, Абу Даби и Тел Авив. Дипломатско-конзуларните претставништва остануваат во состојба на висока подготвеност за евентуална итна евакуација.

