Министерството за образование и наука (МОН) ја презентираше новата предлог-концепција за гимназиско образование. Овој документ доаѓа откако претходната верзија беше повлечена пред една година поради бројни реакции, пред сè од образовните институции и професорите од областа на општествените науки.
Од Министерството појаснуваат дека новиот предлог е резултат на темелна анализа и вклучување на сите забелешки и сугестии од минатогодишната јавна расправа, како и дополнителни стручни консултации. Целта е појасно дефинирање на улогата на гимназијата во модерниот образовен систем.
Што предвидува новата концепција?
Според соопштението на МОН, новиот модел балансира меѓу задолжителните предмети и изборноста на учениците:
„Предложената концепција го задржува општообразовниот карактер на гимназијата преку силна основа од задолжителни предмети, со кои сите ученици стекнуваат темелни знаења од природните науки, општествените науки, хуманистичките дисциплини и уметностите. Истовремено, се воведува современ и педагошки оправдан модел на структурирана изборност, кој им овозможува на учениците, во одделни сегменти, активно да го обликуваат сопствениот образовен профил според своите интереси, без рана и тесна специјализација.“
Од министерството додаваат дека овој модел е организациски одржлив и целосно усогласен со европските гимназиски практики, со акцент на развојот на критичкото размислување.
Јавна расправа до 28 февруари
МОН и Бирото за развој на образованието ги повикуваат наставниците, учениците, родителите и академската заедница активно да се вклучат во финализирање на документот. Сите предлози може да се достават на е-маил адресата: javnarasprava@bro.gov.mk, најдоцна до 28 февруари 2025 година.
„Ги охрабруваме сите заинтересирани да дадат свои мислења, коментари и дополнителни предлози, имајќи ја предвид целокупната функција и значење на гимназиското образование, како општообразовна основа за понатамошно образование и активно учество во општеството, а не од перспектива на поединечни предметни или професионални интереси“, апелираат од МОН.

