Жителите на Општина Тетово денеска гласаат во вториот круг на локалните избори за еден од двата кандидати за градоначалник. Според Општинската изборна комисија (ОИК) Тетово, гласањето започна навреме и се одвива без проблеми.
– „Во сите 117 избирачки места од 7 часот почна и нормално се одвива процесот на гласање за денешните локални избори“, информираат од ОИК Тетово. Во Општина Тетово ќе гласаат 87.878 граѓани со право на глас, додаде Назми Даути од ОИК.
Општинската изборна комисија потсетува дека е направена промена на објектите за гласање на осум избирачки места кои претходно беа сместени во средни училишта поради нивна реконструкција.
Избирачките места 1925, 1926, 1927 и 1927/1, кои беа во објектот „Стара Медицина“, привремено се префрлени во Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ на улица „Браќа Миладинови“ бр. 134.
Избирачките места 1941, 1941/1, 1942 и 1942/1, кои беа во Општинско средно стручно училиште „Ѓоце Стојчески-Амбарче“ („Текстилно школо“), се префрлени во Општинската Јавна установа детска градинка „Младост“ на улица Браќа Миладинови бр. 1 (позната како Градинка Тетекс).

