550 земјотреси за три дена - драматично во Грција
Утрово четири земјотреси се регистрирани во морското подрачје југозападно од Санторини, од кои најсилниот бил со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала.
Според податоците на Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, земјотресите се случиле меѓу три и пет часот наутро, а сите четири сеизмички активности биле окарактеризирани како „слаби“, јавуваат грчките медиуми.
Во последните три дена во регионот помеѓу Санторини, Аморгос и Иос се забележани 550 земјотреси, од кои сите биле посилни од три степени според Рихтеровата скала, а најсилниот бил со јачина од 4,9 степени.
Стравувањата од нови земјотреси предизвикаа паника кај жителите на Санторини, Аморгос и околните острови.
Многумина одлучија да ги напуштат островите, што доведе до голем метеж на пристаништата, а планирани се и дополнителни фериботи и воздушни линии за оние кои сакаат да ги напуштат.
Од безбедносни причини, училиштата на Санторини, Анафи, Иос и Аморгос ќе бидат затворени до петок.
Исто така, за денеска е предвидена средба во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита.
На состанокот ќе присуствуваат претставници на локалните власти, Противпожарната бригада, крајбрежната стража, вооружените сили и други надлежни органи.
Официјални лица процениле дека интензивната сеизмичност во регионот може да трае уште неколку дена, па дури и недели, а Манолис Скордилис, професор по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун, оцени дека ситуацијата на Санторини е исклучително сериозна и дека се можни земјотреси со јачина над шест степени.
Пристаништето на островот беше во состојба на хаос во мугрите, бидејќи многу семејства чекаа да се качат на траектот за Пиреја. Фериботите Кисамос и Блу Стар Парос сообраќаа на специјални линии.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа