Швеѓанката Мари Густавсон, иако веќе родила четири сина, сакала да има уште едно бебе на 50-годишна возраст, но на изненадување на сите, добила тројки!
Чарли, Лорин и Лара се родени со итен царски рез во градот Удевала. Момчето и двете девојчиња сега се добро, како и нивната мајка, која имала бременост со висок ризик, објави Билд.
Според извештаите, зачнувањето бебе по природен пат на оваа возраст не е невозможно, но е исклучително ретко.
Затоа, Мари и нејзиниот сопруг Кони (59) се одлучиле за вештачко оплодување на Кипар, каде што третманот чинел 5.500 евра.
„Не мислевме дека ќе функционира првиот пат, па затоа префрливме три ембриони за да ги зголемиме шансите“, рече Мари.
Докторот ја проценил веројатноста за развој на сите три ембриони на само пет проценти, но сите три деца преживеале.
Бременоста подоцна била оценета како екстремно ризична поради возраста на мајката, а лекарите дури и ја советувале Мари да не ги носи сите деца до крај.
Иако Чарли, Лорин и Лара тежеле само околу 1.000 до 1.500 грама при раѓањето, тие се добро.
Густавсонови оттогаш имаат полни раце работа со седум деца. Како што рече Мари, сега е полесно отколку со постари деца.
„Повторно да се стане мајка на 50 години не е проблем. Полесно е отколку кога бев помлада и не знаев како да се грижам за бебиња“, заклучила таа.


