31-година Лекарска комора: Благодарници за докторите кои придонесоа за развој на трансплантација и органодарителство

Лекарската комора на Република Северна Македонија одбележа 31 година од постоењето на свеченост организирана во црквата „Света Софија“ во Охрид на која присуствуваа членовите на органите и телата на Kомората и високи претставници на државни институции. Пригодни обраќања имаа претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, заменик претседателот на Комората, доц. д-р Беким Исмаили и заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева.

„Комората е отворена за секој лекар кој се соочува со некој предизвик, за секој лекар кој има идеја, да дејствуваме  заеднички и организирано во рамките на нашите надлежности, бидејќи тоа е единствениот начин за реализација на нашите цели. Би сакала да потенцирам и дека јас како претседател и Комората како организација секогаш сме тука за да ги заштитиме лекарите, но мора да сме свесни дека таа заштита не може да биде безусловна, затоа што така се прави штета на сите нас. Условот кој е поставен и на кој се инсистира е професионално и стручно работење со доследна примена на сите етички норми и правила на однесување“, истакна проф. д-р Гривчева Стаределова.

Доц. д-р Исмаили потенцираше дека со одбележување на денот на основањето на Комората се потсетуваме на сите доктори кои го трасираат патот во нејзиниот развој.

„Ветуваме дека ќе го продолжиме нивниот пат и ќе бидеме сервис на нашите колеги за добра благосостојба на лекарската фела. Исто така, ви се заблагодаруваме на вас колеги за вашата посветеност на работа при грижата за здравјето на нашите пациенти. Вие сте столбот на Комората и овој ден е наменет за вас“, истакна доц. д-р Исмаили.

На настанот беше врачено највисокото признание што го доделува Комората, Плакета „Св. Наум Охридски“ која ја доби д-р Драган Милевски од Делчево со 26-годишно искуство.  Посебна награда „Примариус д-р Димитар Ивановски“ за тројцата студенти по медицина со највисок просек од трите медицински факултети годинава ја добија Леонид Рене Томас Караџинов - Медицински факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје, Кристијан Живков  - Факултет за медицински науки, Универзитет Гоце Делчев Штип и Блинера Баланца – Факултет за медицински науки, Државен универзитет Тетово. Признанието за најдобар труд го добија д-р Антонела Љубиќ, д-р Владимир Трајковски, д-р Галина Димитрова и д-р Бранислав Станковиќ за трудот „ Down синдром - рефрактивен развој ”. На настанот беа врачени и благодарници за особен придонес во развојот на трансплантацијата и органоодарителството на доктори од Клиника за нефрологија, Клиника за урологија, Клиника за кардиологија, Клиника за кардиохирургија, Клиника за гастроентерохепатологија, Клиника за дигестивна хирургија, Клиника за ортопедија, Клиника за хематологија, Македонски дарителски регистар, Клиника за неврохирургија, Институт за транфузиона медицина, приватните болници „Систина“ и „Филип Втори“ и Клиниката за реанимација и интензивно лекување. Во име на добитниците на признанието се обрати националната координаторка д-р Maja Мојсова Мијоска.

05.06.2023 - 18:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега