Со воена свеченост и дефиле на единиците во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска ќе биде одбележан Денот на 2. пешадиски баталјон „Скорпии“ од составот на 1. пешадиска бригада, како и 30-годишнината од формирањето на единицата.
Припадниците на баталјонот ќе го одбележат и патрониот празник, кој е поврзан со формирањето на 14. Македонска народноослободителна ударна бригада во селото Митрашинци, како и три децении од возобновувањето на традициите на единицата во независна Македонија.
Според програмата, пред почетокот на свеченоста ќе биде положено цвеќе пред спомен-обележјето „Македонија“, на влезот во касарната. Потоа ќе следуваат воениот церемонијал, предавање рапорт и обраќања на командантот на баталјонот и претставници на Армијата.
Во рамки на одбележувањето ќе бидат доделени стимулативни мерки, пофалници и награди за припадници на единицата, како и благодарници на институции и компании кои придонеле за поддршка и афирмација на Армијата.


