Судија на претходна постапка од Основниот Кривичен Суд – Скопје, одлучи Артан Груби да добие мерка 30 дневен куќен притвор со 24-часовен надзор.
„Во текот на денот, одбраната на осомничениот, до Судот достави предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор, кој предлог е проследен до надлежното јавно обвинителство, за да се произнесе по истиот. Со оглед на фактот дека Jавното обвинителство ја води истрагата и согласно законските овластувања оценува која мерка е соодветна и доволна за непречено водење на истрагата, Обвинителството до Судот писмено достави позитивно мислење, а воедно на самата расправа за сослушување и јавен обвинител предложи определување поблага мерка за обезбедување од претходно определената. Врз основа на сето тоа Судот го сослуша осомничениот во присуство на негов бранител и донесе решение за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор со 24 часовен надзор, кој што е доверен на Министерството за внатрешни работи, а дополнително определена е и мерка за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница“, информираа од Судот.
Поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците беше приведен вчера наутро на граничниот премин Блаце, по повеќе од една година помината во бегство.
– Денеска (23.2.2026) во 6:10 часот, на граничниот премин Блаце, при влез во државата, лишен од слобода е Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за спроведување истрага за кривично дело по член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1, а во врска со член 22 од Кривичниот законик – информираа од Министерството за внатрешни работи.
Груби се сомничи за проневера во „Државната лотарија“, каде заедно со Перпарим Бајрами е под истрага за наводен криминал тежок осум милиони евра, поврзан со набавка на ВЛТ-апарати.


