Пред судот во Виена во вторникот започна судењето на 21-годишниот австриски државјанин со македонски корени, Беран А., кој е обвинет за планирање терористички напад на концертот на поп-ѕвездата Тејлор Свифт, закажан за август 2024 година.
На почетокот од процесот, обвинетиот се изјасни за виновен во однос на планирањето на нападот, додека во однос на другите обвиненија се изјасни „делумно виновен“. На прашањето на претседателот на судот дали се чувствува виновен за планирањето на нападот на стадионот „Ернст Хапел“, тој одговори кратко: „Да“.
Според обвинението, 21-годишникот бил инспириран од видео-инструкции на Исламската држава. Тој признал дека радикализацијата се случила во периодот меѓу средината на 2023 и јануари 2024 година. Планот бил да се изврши напад врз обожавателите надвор од концертната сала користејќи рачно изработена шрапнел бомба и нелегално набавено оружје.
Заедно со него, обвинет е и словачкиот државјанин Арда К., кој се товари за поврзаност со истиот план, како и за помагање при други терористички активности. Доколку биде прогласен за виновен по сите точки, Беран А. се соочува со затворска казна во траење од 10 до 20 години.


