Зибери: Уште 20 дена до учебната година – сѐ уште нема одлука како ќе се одвива наставата

Уште 20 дена до 1 септември, првиот училиштен ден од учебната 2020/21, а МОН се уште не донело одлука на кој начин ќе се одвива наставата. Универзитетскиот професор Башким Зибери оценува дека е доцна МОН да организира успешна учебна година.

„Дефинитивно од моја гледна точка многу доцниме, од многу аспекти реално. Не само од аспект на организација на наставниот процес во основните училишта, средните и универзитетите, туку и за претходна подготовка за успешна школска година“, истакна Башким Зибери.

Професорот рече дека нема можност наставниот план и другите процеси да се прилагодат за 3 недели.

„Ние за две три недели да се канализираме во успешен наставен процес не е можно, имајќи предвид дека треба да се направат нови наставни планови, обуки на наставници, имајќи предвид дека треба да се направат сосема други распореди во однос на наставата“, додаде Башким Зибери.

За опцијата учениците да се поделат во смени, Зибери вели дека е неефикасна, имајќи предвид дека многу училишта имаат само две смени и недостиг на кадар за реализација на 4 смени.

„Многу лесно општина Аеродром може да организира настава во смени, бидејќи имаат една смена. А во албанските зони во Скопје, Тетово, каде голем дел речиси сите основни училишта како и средни имаат две смени, тешко е сега да ги организираш повторно во смени. Бидејќи со едно училиште кое има две смени со по 30 уленици во паралелка треба да се организираат 4 смени во денот, со 20 минутен час, само сериска ротација на учениците. Тоа нема да биде воопшто ефикасно, ќе биде главен елемент за ширење на вирусот, верувајте“, порача Башким Зибери.

Инаку професорот Зибери вели дека наставниците не се подготвени, оценувајќи дека некои од нив не знаат ниту да ја отворат платформата за предавање, а некои ученици но и наставници немаат финансиски услови за интернет. Тој наброи неколку предизвици на онлајн наставата, но и на одењето на училиште за кои оцени дека ниту институциите, ниту наставниците не се подготвени. Тој рече дека најдобра форма за одвивање на наставниот процес  е комбинираниот модел. Инаку, денеска беше последен рок за усвојување на протоколите за училиштата, меѓутоа од Министерството за здравство информираа дека протоколите од Комисијата за заразни болести ќе се дефинираат утре.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.08.2020 - 21:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега