Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска предупреди на обилни врнежи во крајните јужни и југоисточни делови од земјата, како последица на засилена циклонска активност што ќе го зафати регионот во текот на ноќта и утрешниот ден.
Според прогнозите, се очекува значително зголемување на водостојот на реките и суводолиците во јужните и југоисточните региони. Најкритични се сливот на реката Струмица и Струмичкиот регион, реката Анска и помалите водотеци во Гевгелиско-Валандовскиот регион (вклучувајќи ја Калковска), како и Дојранскиот регион.
Високи водостоји се можни и во долниот дел од сливот на Вардар, на водотеците кои доаѓаат од планинскиот масив Кожув (Бошава, Дошница, Коњска, Кованска, Серменинска, Петрова и други), во Битолскиот дел од сливот на Црна Река (Елешка), како и во Охридско-Преспанскиот регион.
УХМР предупредува дека, доколку се исполнат прогнозите за количините на врнежи, можно е појава на локални излевања во наведените сливови. Помалите реки и суводолници би можеле да се активираат и да предизвикаат локализирани поплави.
Од Управата апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при движење покрај реките и суводолиците во јужните и југоисточните делови од земјата.
Поради зголемениот ризик, издадено е и „жолто“ предупредување за потенцијални поплави во засегнатите региони.

