Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека Жичницата на Водно ќе остане затворена во текот на целата летна сезона поради утврдени сериозни технички недостатоци. По вонредниот увид, констатирано е дека објектот не бил целосно сервисиран од австрискиот производител „Допелмаер“ цели 15 години.

„Побарав да дојдат претставници на ‘Допелмаер‘, по што беше утврдено дека не бил направен сервис. Биле барани понуди од фирмата, но ниту еднаш не бил склучен договор за целосно сервисирање. Увидот покажа дека гумичките биле изедени и поради тоа доаѓало до триење на гондолите. Исто така не работеле и неколку сензори. Поради овие причини можело да се случи да се откачи гондола“, изјави Ѓорѓиевски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Иако првично жичницата беше затворена на 25 април само на два дена, градските власти одлучија таа да остане надвор од функција по извршените проверки. Од ЈСП „Скопје“ сега ја чекаат понудата од австриската компанија за целосна санација.

„Колку точно ќе трае сервисирањето не можеме да кажеме, чекаме да ја добиеме понудата од ‘Допелмаер‘, но сигурно е дека летово нема да работи“, додаде градоначалникот.

Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година, а нејзината изградба чинеше 6,7 милиони евра.

Exit mobile version