Зголемена поддршка и инклузивност на изборниот процес за лицата со попреченост

 

Државната изборна комисија и Здружението за промоција и развој на инклузивно општество ИНКЛУЗИВА денеска потпишаа Меморандум за соработка кој има за цел да се зголеми поддршката на граѓаните со попреченост во изборниот процес, остварување на нивните гласачки права, унапредување на инклузивноста на овие гласачи и успешно спроведување на инклузивни избори.

За реализација на целите на Меморандумот, денеска започнува тридневна работилница за вработените во ДИК преку која учесниците ќе се стекнат со вештини за испорачување на обуки за лица со попреченост. По комплетирањето на оваа активност, ќе следат регионални работилници за претставници од општинските изборни комисии, кои ќе се реализираат во текот на април и мај годинава.

Генералниот секретар на ДИК Добре Јанчев, кој во име на комисијата го потпиша Меморандумот, истакна дека во наредниот период ќе се работи на  зголемување на учеството на лицата со попреченост во изборниот процес, подобрување на ефикасноста на процесот на организирање и спроведување на избори и процесот на гласање во однос на лицата со попреченост, како и на унапредување на вештините и знаењата на изборната администрација за поддршка и комуникација со лица со попреченост.

- Заедно ќе работиме и на зголемување на свесноста и знаењата за изборниот процес на граѓаните со попреченост, но и на зголемување на меѓусекторска соработка за унапредување на изборниот циклус за создавање на услови за  пристапен и достапен изборен процес за  лицата со попреченост во  Република Македонија, рече Јанчев.

Претседателката на ИНКЛУЗИВА Благица Димитровска вели дека ова унапредување на учеството на лицата со попреченост во избирачкиот и во политичкиот процес е неопходно, бидејќи со вклучувањето во овие процеси многу полесно ќе ги остварат нивните права. 

- Во Македонија недостигаат многу работи за да се каже дека изборниот процес е инклузивен, од физичка пристапноста на гласачки места, материјалите за едукација се недостапни за овие лица, какоо и самите материјали на гласачкото место. Се треба да претрпи корекција, рече Димитровска.  

ИНКЛУЗИВА и ДИК, заедно со други институции лани го спроведеоа и проектот за увид и проценка на пристапноста на гласачките места за лицата со попреченост на целата територија на Република Македонија. Како резултат на овој проект добивме прецизна слика за состојбата со пристапноста на гласачките места. По овој проект следеше и изготвување на шаблони за гласање на Брајово писмо, наменети за гласачите со попречен вид.

 

 

 

13.03.2018 - 13:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа