Зголемен бројот на ковид пациенти во кумановската болница- слободни само 13 кревети

Општинската и администрацијата од јавните претпријатија од Куманово од денеска ќе волонтира и ќе дистрибуира кислородни боци за ковид пациентите во болницата, најави денеска кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој ја посети здравствената установа по повод Светскиот ден на здравјето.

Во болницата во моментов, како што информираше директорката Снежана Захариева, хоспитализирани се 90 пациенти и 104 се лекуваат во дневна болница. Во моментов има 13 слободни места, но секојдневно се отпуштаат и примаат пациенти.

– Нема да дозволиме да останат незгрижени пациенти. Ангажирани се сите расположливи човекови капацитети од други оддели. Имаме со средно-тешка и потешка клиничка слика, за жал старосната структура е сменета во однос на претходните два брана, сега има доста млади луѓе од 30, 40 години, а не како што беше претходно по 60, 70 години, информираше Захариева.

Денеска 82 пациенти се на кислородна поддршка.

Во кумановската болница нема централен довод на кислород, иако се размислувало да се постави на инфективното одделение, информираше Захариева и додаде дека таа инвестиција ќе почека кога ќе се намали бројката на хоспитализираните и кога ќе се обезбедат финансиски средства.

– Одлуката е на општинскиот штаб за заштита и спасување и ќе донираме заштитни одела и визири, изјави Димитриевски. Тој апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките, поради големата бројка на заболени, особено млади луѓе.

Тој го честиташе 7 април, Светскиот ден на здравјето, заблагодарувајќи се на здравствените работници за нивната професионалност во пандемијата. Тој ја оцени соработката на општината и болницата како одлична и додаде дека во иднина очекува гасификација на болницата, бидејќи ЈП „Куманово-Гас“ постави пункт за испорака на гас.

Директорката на болницата се заблагодари за поддршката на општината за кумановската болница. И таа го честиташе 7 април на своите колеги, потсетувајќи дека двајца лекари од болницата ја изгубија битката со Ковид 19, дека дел од нив за прелажале болеста, некои изгубиле членови од семејствата.

– Се надевам дека пациентите ја препознаваат нашата желба секој да излезе оздравен, со еден поинаков, попозитивен поглед на животот и вредностите што доброто здравје ги носи за секој од нас, рече Захариева и побара поддршка од граѓаните да се придржуваат до мерките што ќе придонесе во борбата против Ковид 19.

Директорката на болницата и кумановскиот градоначалник најавија дека ќе се вакцинираат штом дојдат на ред со која било вакцина за која сметаат дека е најдобра заштита. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.04.2021 - 12:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега