Земјите членките на ЕУ вчера по трет пат ја одложија одлуката- Македонија и Албанија во исчекување на зелено светло

По француското вето за почеток на преговорите со Македонија и Албанија вчера во Луксембург на министерско ниво, очите на двете земји се сега вперени во претстојниот лидерски состанок на ЕУ што ќе се одржи утре и задутре.

Иако ги отфрла обвинувањата, Франција вчера остана изолирана во ЕУ во својата одлука да блокира зелено светло за старт на преговори со било која од двете земји и во било која форма, сѐ додека нема реформа на методологијата на преговарачкиот процес.

Земјите членките на ЕУ вчера по трет пат ја одложија одлуката и на и покрај тоа што во јуни се заложија дека во октомври ќе се навратат на прашањето и ќе донесат „јасна и суштинска одлука“. Наместо тоа, тие не успеаја да донесат заклучоци за ниту една од земјите кандидати за членство во ЕУ, вклучително и Србија и Црна Гора кои се надеваа да отворат нови преговарачки поглавја.

По две рунди преговори и неколку различни предлози на финското претседателство за да изнајде компромис, министрите за надворешни работи се откажаа и побараа прашањето да им се префрли на шефовите на држави и влади на ЕУ. Франција смета дека на прашањето треба ЕУ да се наврати во ноември на следниот Совет за општи работи, а не на овој Самит, но претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, сепак ќе го стави досието на маса.

Финското претседателство се обиде да излезе од ќор-сокакот вчера со предлог за раздвојување на Албанија и Северна Македонија, со оглед на тоа дека Холандија одбива преговори со Тирана поради одлуката на својот Парламент, а Данска има сериозни резерви кон нашиот западен сосед.

Но, ниту овој предлог не беше доволен за Париз. Француските дипломати вчера ги брифираа новинарите дека за одлука за раздвојување, мандат има исклучиво претседателот на државата Емануел Макрон.

-Нема сомнеж дека повторно одлагање ќе му наштети на нашиот кредибилитет на Западен Балкан и нашата амбиција да станеме силен играч, овде зборуваме за наша внатрешна територија, ако на наша домашна територија не можеме да бидеме успешни, тогаш како ќе бидеме на надворешна, порача вчера еврокомесарот Јоханес Хан.

Тој додаде дека реформите кои се прават во земјите кандидати се „болни“ и не исклучи можност од негативни последици доколку повторно се одложи одлуката на Самитот.

-Се надевам дека лидерите ќе ја поправат оваа грешка. Не сакам да шпекулирам, но важно е да сфатиме колку болни реформи овие земји направија и политичкиот кредит на оние кои успеаја да го сторат ова. Ако има негативна одлука, не можам да исклучам дека ќе предизвика интерни динамики, можам само да ги повикам итно сите да се фокусираат и да не се откажат, изјави Хан.

Комесарот потврди дека Франција е таа која што се противи на секакво проширување, но не можеше да гарантира дека до четврток францускиот претседател ќе даде зелено светло.

Владата во Македонија е оптимист дека земјата ќе добие датум за преговори. Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека останува оптимист.

– Имаме разборање за новата методологија на преговорите која на државите ќе им даде фер шанси со добри преформанси да ги забрзаат преговарачките процеси, а оние кои нема да имаат успешни преформанси или ќе ги уназадат, да ги вратат назад. Но, не постои земја во последните 20 години која чекала и добила ваква одлука за почеток на преговори, а да направила повеќе од нас. Направивме повеќе во реформмите, на меѓународен и на билатерален план. Од секој можен аспект навистина сме пример и за Европа и за светот. Верувам дека Еу преку Европскиот совет деновиве ќе ја исполни својата должност, изјави вчера Заев.

Лидерите на ЕУ овие два дена ќе имаат набиена агенда, посебно во однос на Обединетото Кралство кое до 31 октомври треба да ја напушти ЕУ, а сѐ уште не е постигнат компромис помеѓу Лондон и Брисел за модалитетите на Брегзитот. Нема сомнеж дека Брегзит ќе биде главна тема на овој самит и дека е прашање до која мерка ќе му биде посветено внимание на проширувањето и на кандидатурите на Скопје и Тирана. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.10.2019 - 08:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега