Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја репотврди својата амбиција Украина да стане полноправна членка на Европската Унија до 2027 година. Иако дел од владите на земјите членки изразуваат скепса за вака забрзана временска рамка, Зеленски смета дека овој чекор е од суштинско значење за стабилноста на континентот.
Пристапувањето на Украина во Европската Унија е една од клучните безбедносни гаранции, не само за нас, туку и за цела Европа, напиша Зеленски на својот Телеграм канал. Тој додаде дека колективната сила на Европа е можна токму благодарение на безбедносниот, технолошкиот и економскиот придонес што Украина може да го понуди.
Пораката на украинскиот лидер следуваше по неговиот денешен телефонски разговор со австрискиот канцелар Кристијан Штокер. Украина го има статусот на кандидат за членство од 2022 година, а пристапните преговори се веќе формално започнати. И покрај оптимизмот на Киев, Зеленски призна дека во моментов нема изгледи за вонредно забрзана постапка, со оглед на тоа што процесите на проширување традиционално траат долго.
Ваквите најави доаѓаат во време кога европските лидери, како германскиот канцелар Фридрих Мерц, предупредуваат дека може да поминат уште неколку години пред Украина да ги исполни сите критериуми за прием.
На дипломатски план, Зеленски посочи дека безбедносните гаранции од САД се веќе договорени, но нивното стапување во сила е директно поврзано со завршувањето на воениот конфликт. Истовремено, Украина и Русија за време на викендот одржаа директни разговори во Абу Даби под покровителство на САД, а нова средба е најавена за недела.
Додека траат преговорите, медиумите како Фајненшл тајмс објавуваат дека Вашингтон врши притисок врз Киев да размисли за постигнување договор со Москва кој би вклучувал одредени територијални отстапки во источниот дел на земјата, на што украинските власти засега не се подготвени да се согласат.

