Во масовен ноќен напад, Русија искористила над 450 дронови и 45 ракети за да ја нападне Украина, изјави претседателот Володимир Зеленски. Најголеми последици од гранатирањето има во градот Дњепар, каде што е погодена станбена зграда.

Како последица на нападите, едно лице загина, а 11 се повредени во Дњепар, меѓу кои и деца. Има и жртви во регионите Харков, Киев и Полтава.

Зеленски истакна дека додека Русија ги напаѓа станбените згради и енергетската инфраструктура, притисокот врз Москва мора да биде посилен.

„Прашањето е во ресурсите за убивање, за парите – потребни се санкции за да се лиши Русија од можноста да ја продолжи војната што ја почна и што се влече… руските напади покажуваат дека притисокот мора да биде посилен,“ порача тој.

Тој посочи дека руската нуклеарна енергија сè уште не е под санкции и дека западните микроелектронски компоненти сè уште стигнуваат до рускиот воено-индустриски комплекс, што мора итно да се прекине.

Exit mobile version