Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, соопшти дека денеска имал, како што рече, „добар разговор“ со специјалниот пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп, Стив Виткоф, како и со зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

– „Ви благодарам за конструктивната, интензивна работа и за убавите зборови и божиќните честитки до Украинците. Работиме навистина 24/7 за да се приближиме до крајот на оваа брутална руска војна против Украина и за да ги направиме сите документи и чекори реалистични, ефикасни и сигурни,“ напиша Зеленски на Фејсбук.

Тој додаде дека постојат добри идеи кои би можеле да доведат до заеднички исход и траен мир, пренесе Укринформ.

– „Вистинска безбедност, вистинско закрепнување, вистински мир се она што ни е потребно на сите – во Украина, во САД, во Европа и кај секој од партнерите кои ни помагаат. Се надевам дека нашите денешни договори и идеите за кои разговаравме ќе бидат корисни,“ нагласи Зеленски.

На разговорот, според него, присуствувале и секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, началникот на Генералштабот Андриј Хнатов, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха, заменик-министерот за надворешни работи Серхиј Кислица, како и други членови на украинскиот преговарачки тим.

– „Се договоривме Рустем денеска да разговара со Стив и Џаред. Веруваме дека тоа е правилно – да не изгубиме ниту еден ден и ниту една можност која може да го приближи резултатот. Нека нашиот денешен разговор стане уште еден чекор кон мирот. Исто така, ги замолив момците да ги пренесат нашите честитки до претседателот Трамп и целото семејство Трамп по повод Божиќ. Ви благодарам!,“ додаде Зеленски.

Зеленски во вторникот го примил извештајот на украинската делегација за резултатите од средбите со претставници на претседателот на САД, Доналд Трамп, при што биле подготвени нацрти на неколку документи. Според Укринформ, тој изјавил дека новиот мировен план од 20 точки претставува „главна рамка за ставање крај на војната“.

Exit mobile version