Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека по неколкудневните интензивни преговори во Мајами со тимот на американскиот претседател Доналд Трамп, веќе се подготвени клучните нацрт-документи кои треба да стават крај на војната со Русија.

Зеленски беше информиран за исходот од разговорите од страна на секретарот на Советот за национална безбедност, Рустем Умеров и началникот на Генералштабот, Андриј Хнатов.

„Работата беше продуктивна и неколку нацрт-документи сега се подготвени. Тие вклучуваат документи за безбедносни гаранции за Украина, за нејзината обнова и основна рамка за завршување на оваа војна“, објави Зеленски, нагласувајќи дека целта е да се спречи каква било идна руска инвазија.

И покрај оптимизмот за подготвената рамка од 20 точки, Зеленски призна дека „не е сè совршено“ и дека некои одредби во документите остануваат неприфатливи за Киев, додека други веројатно нема да бидат прифатени од Москва. Од своја страна, Доналд Трамп изјави дека преговорите „одат добро“, но одби да наведе конкретни рокови за конечно примирје.

Exit mobile version