„Зелен хуман град“ со претставка до Инспекцискиот совет против изградбата на висококатници кај „Холидеј ин“

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ изработи претставка против незаконски издаденото одобрение за градба и незаконски применуваниот ДУП кај Холидеј Ин што ја адресираше до три надлежни инспекциски служби – Инспекциски совет, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам и Државен инспекторат за локална самоуправа, соопштуваат од  иницијативата. Тие претставката денеска и официјално ќе ја поднесат во Инспекцискиот совет.

„На нашиот ФБ профил ги повикавме скопјани да ја поднесат истата претставка од своите електронски адреси. До овој момент електронски се поднесени над 80 претставки“, велат од „Зелен хуман град“.

Спиред нив, Деталниот урбанистички план кој моментално се применува бил спротивен на одредбите од Генералниот урбанистички план на Скопје (2012-2022), со што велат се прекршувал членот 35 ст. (5) од Законот за урбанистичко планирање.

„Во претставката е детално аргументирано од што точно произлегуваат востановените законски прекршувања, а наведени се и стручните аргументи од Елаборатот за суспензија што го изработија стручните служби во Општина Центар. Истовремено, не ги забораваме ни жителите од Ново Маало. За нив мора да се најде решение. За прашањето на новомаалци да се реши потребен е нов план со поинаку дефинирани парцели кои полесно ќе се реализираат“, реагираат од иницијативата.

Од „Зелен хуман град“ бараат меѓународен конкурс за најдобро урбанистичко решение со цел да се одговори на сите потреби на локалното население.

16.07.2021 - 09:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа