Со изнесувањето на завршните зборови на четворицата обвинети — Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи — во Специјализираните совети во Хаг официјално заврши оваа фаза од судската постапка. Поранешните водачи на ОВК пред судскиот совет изјавија дека се невини и тврдеа дека обвинувањата за воени злосторства и злосторства против човештвото се целосно неосновани. Хашим Тачи во своето обраќање побара ослободителна пресуда и истакна дека наводите на обвинителството се невистинити, додавајќи дека неговиот фокус секогаш бил ставен на соработката со НАТО и САД, без кои Косово не би ја стекнало својата независност. Кадри Весељи тврдеше дека неговите постапки биле хумани и во согласност со законот, додека Сељими и Красниќи порачаа дека војната била праведна и дека тие немале командна одговорност за делата наведени во обвинението.

Наспроти нив, обвинителството побара казна затвор од по 45 години за сите четворица, нагласувајќи дека тие имале клучна улога во заеднички злосторнички потфат и дека вршеле ефективна контрола врз единиците на теренот. Застапникот на жртвите во својот говор посочи на екстремната суровост и бруталност што припадниците на ОВК ја покажувале кон заробените Срби, Роми и Албанци кои биле прогласени за противници.

Според процедурите, судот сега треба да ја донесе пресудата во рок од 90 дена, со можност за продолжување на рокот за уште 60 дена доколку тоа е потребно, што значи дека конечната одлука се очекува најдоцна до летото 2026 година.

Exit mobile version