Во Основниот суд во Штип денеска започна судскиот процес против познатиот угостител Стојанче Зарков, познат под прекарот Грофот, кој се товари за свирепото убиство на својата 84-годишна мајка. Пред судскиот совет, обвинетиот негираше свесно извршување на делото, тврдејќи дека има „црна дупка“ во сеќавањето.
Зарков во својот кус исказ изјави дека има целосен прекин во сеќавањето за кобната ноќ на 8 август, кога се случи трагедијата што ја згрози штипската јавност.
Обвинителството, од друга страна, е децидно во доказите. Обвинителката Тања Кацарова во воведните зборови побара изрекување на најстрога затворска казна, потенцирајќи ја суровоста на чинот во кој старицата го изгуби животот од раката на сопствениот син.

