Косовската полиција пронајде околу 140 килограми експлозив, пушка и поголемо количество муниција при претрес на напуштен објект во општина Зубин Поток. Акцијата била спроведена на 24 јануари, а деталите за случајот денеска ги соопшти заменик-регионалниот командант на полицијата, Ветон Ељшани.

Според првичните наоди од истрагата, експлозивот бил произведен во 2014 година во Крушевац. Ељшани за „Радио Контакт Плус“ изјави дека пронајдениот материјал бил во многу лоша состојба. „Пронајдениот експлозив беше екстремно нестабилен и ризикот од детонација беше многу висок“, нагласи тој.

Покрај големото количество експлозив, при претресот се конфискувани и пушка М48, 244 куршуми од различен калибар, како и две празни чаури. Случајот сега е во рацете на надлежните истражители кои треба да утврдат како и за кои цели било складирано ова вооружување.

Exit mobile version