Законот за јазиците пред пратениците

 

Законот за јазиците денеска повторно ќе се отвори на седница пред пратениците на Собранието на РМ.

 Собранието на Република Македонија денеска во 13 часот треба да го започне продолжението на 32.седница на која на дневен ред е Законот за употреба на јазиците, во трето читање.

Нема официјални информации дали ќе се расправа за амандманите и како или пак пратениците ќе се изјаснат само за законот. Дел од медиумите повикувајќи се на извори од СДСМ и ДУИ пишуваат дека на седницата пратениците нема да се изјаснат за амандманите туку дека ќе гласаат само за законот.

Останува да се види како навистина Парламентот предводен од претседателот Талат Џафери ќе се справи со ситуацијата која ја наметна опозициската ВМРО-ДПМНЕ со поднесување на 35.569 амандмани за Законот за употреба на јазиците, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик во земјата.

Премиерот Зоран Заев во понеделникот изјави дека очекува неделава да биде затворено прашањето за Законот за употреба на јазиците.

- Сите кажаа се што имаа, а беше оставено и доволно време за дијалог. Законот конечно треба да се донесе согласно Уставот и законите. Со тоа ќе биде затворен последниот легалистички аспект од Рамковниот договор. Да го оставиме нека се реализира, нека има своја имплементација и ќе видиме дека не е нешто што е болно, тешко или трагично, туку е нешто што ќе овозможи полесно да се разбираме едни меѓу други, рече Заев.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во изјава за МИА вчера од Брисел повтори дека не се сомнева во уставноста на законот, што е оспорувано од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе учествуваат но бараат амандманска расправа.

 

 

 

14.03.2018 - 08:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа